Девојка претепана од дечкото до онесвестување во Охрид заврши во болница
Девојката која била претепана од своето момче во Охрид, според неофицијални информации, е хоспитализирана во здравствена установа за коскено-зглобни заболувања во градот, дознава „Слободен печат“ од неофицијални извори.
Според информациите до кои дојде „Слободен печат“, напаѓачот претходно ѝ го скршил и телефонот.
На нападот, наводно, му претходела расправија, откако тие излегле од дискотека, во која девојката му кажала на партнерот дека не сака тој да се опива и дека не се чувствува пријатно и безбедно во негово присуство кога е под дејство на алкохол.
Според првичните информации за случајот, 31-годишниот охриѓанец ја нападнал девојката во автомобил и ја тепал додека не изгубила свест. Потоа продолжил да вози низ Охрид, а кога таа се освестила, наводно го запрел возилото во близина на маркет и ја исфрлил од автомобилот.
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, потврди дека полицијата утрово во 5:05 часот го уапсила 31-годишниот охриѓанец Х.К., откако претходно било пријавено дека физички ја нападнал својата девојка.
Димоски посочи дека по целосното документирање на случајот, против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
Деталите за околностите на нападот, повредите на девојката и нејзината здравствена состојба засега не се официјално потврдени.