Како ќе изгледа Скопје за Нова година?


Фото: Б. Грданоски

Елка висока 13 метри, светлечки подарок повисок од шест метри и санка во која посетителите ќе можат да влезат и да се фотографираат. Вака е замислено новогодишното украсување на Скопје за пречекот на 2027 година, според техничката спецификација објавена со огласот за јавна набавка на Град Скопје на крајот на минатиот месец, објави „Фактор“. Во документацијата е предвидено украсите да бидат поставени најдоцна до 15 декември.

Централно место во празничната поставка ќе има елката, која според техничките барања треба да изгледа како природно дрво. Предвидени се и светлечки елен висок околу четири метри, два светлосни портали, два тридимензионални балони високи по 3,5 метри и фигура на Дедо Мраз. Покрај санката со подароци, за фотографирање е предвиден и новогодишен венец.

Во спецификацијата се наведени и стотина светлосни букети, светилки за канделабрите и украси во форма на мразулци. Огласот не ги наведува сите локации каде што ќе бидат поставени декорациите. Нивниот точен распоред треба да се утврди дополнително, со работен налог.

Проценетата вредност на украсувањето е околу 4,5 милиони денари со ДДВ, односно приближно 73.000 евра. Сумата не е конечна договорна цена. Рокот за поднесување понуди истече на 5 ноември, а во достапните објави до 13 ноември нема потврда за избор на изведувач.

Според роковите наведени во документацијата, украсите треба да останат и по празниците. Нивното отстранување е предвидено од 15 до 25 јануари 2027 година.