Војните низ историјата ја отежнуваат работата на автопатот Прилеп-Битола: Се деминира


Автопатот Прилеп – Битола, треба да биде готов до крајниот рок во 2029 година и да биде пуштен во употреба, но работата на него е сложена, затоа што на трасата, а и на местата од каде се зема материјал има неескплодирани мини заостанати од Балканските војни, како и од Првата и Втората светска војна. 

– Јас ќе направам се за тие 42 километри Прилеп – Битола, колкушто ќе биде трасата, да биде пуштена во употреба до 2029 година“, рече директорот на ЈПДП Коце Трајановски – во емисија на ТВ24. 

Специфичен момент за автопатот Прилеп – Битола е тоа што е подрачје каде прво биле Балканските војни, Прва светска војна, Втора светска војна…

– „Бехтел и Енка“ прво кога дојдоа рекоа, мора прво да направите деминирање. Значи да се откријат мините и останатите експлозивни средства. Па се ангажираше компанија од Англија, па не знам од каде компании коишто направија прво снимање, ги детектираа дел од тие, па теренско снимање, па потоа да се извадат тие, за да може да се влезе… – појаснува Трајановски.

Според него тоа е многу ризично, а во моментот се работи на месноста викана Каракан, од каде се зема материјал, а „Бехтел и Енка“ и за таму побарале деминирање. Се ангажирала фирма за деминирање од Босна и Херцеговина, кои се искусни во таа работа, затоа што работеле многу во својата земја. Уште на првите чекори наиле на две големи мини.

– Доколку тоа деминирање не беше направено, ќе имаше и жртви и ќе беше многу непрофесионално и нечовечки – рече Трајановски.

Тој вели дека досега никаде не се правеле деминирања, затоа што немало потреба. Но, на ова подрачје низ историјата се воделе многу војни, па има заостанати убојни средства.