Запалени контејнери во Ново Лисиче и Аеродром: Скопје нема да биде заложник на вандали!


Вечерва во Скопје, воНово Лисиче и во Чаир, беа запалени контејнери, а по социјалните мрежи, во наменските групи за пријавување проблеми, се повикуваше жителите да ги отстранат автомобилите за да немаат штета. 
 
Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, веднаш излезе со реакција и вели дека „Скопје нема да биде заложник на вандали, барам итна реакција од МВР!“
 
Тој соопшти дека вечерва, запалени се повеќе контејнери во Ново Лисиче и на булеварот „Македонско-косовска бригада“.
 
„Во услови кога набавивме 3.300 нови контејнери и го решивме проблемот со сметот, очигледно дека на некој не му одговара чисто Скопје и развојот на градот. Ова е удар врз сите скопјани и врз заедничкиот имот, платен со нивни пари.  А ако со ова некој мисли дека мене лично ми прави штета, се лаже! Прави штета на градот, овие контејнери се купени со парите на скопјани!“, порачува Ѓорѓиевски.
 
Го повикува МВР веднаш да ги провери снимките од „Safe City“, да ги пронајде сторителите и да испита дали палењата се организирани и политички мотивирани.
 
„Наскоро го завршуваме поставувањето на 200 градски камери за посилен надзор и откривање на ваквите појави и за кои апсолутно нема да има никаква толеранција! Чувајте го Скопје и пријавувајте вандализам. Нема да дозволиме некој да си поигрува со градот!“, порачува скопскиот градоначалник.