„Матица“ го објави „Орландо“: големото враќање во светот на Лусинда Рајли
Само неколку дена по меѓународното објавување, новиот роман на Хари Витакер, синот на Лусинда Рајли и коавтор на „Атлас: Приказната на Тате Солт“, веќе е достапен на македонски.
Светот на „Седумте сестри“, кој освои милиони читатели, добива нова приказна. „Матица македонска“ го објави „Орландо“ од Хари Витакер, самостоен роман што го проширува книжевниот универзум на неговата мајка Лусинда Рајли. Во средиштето на ова враќање се љубовта, изгубените можности и тајните скриени меѓу страниците на една ретка книга.
Романот беше објавен на 5 ноември 2026 година во Велика Британија, Франција и Данска, а веќе е достапен и на македонски јазик. Со изданието на „Матица“, домашната публика добива можност да ја открие новата приказна во првите денови од нејзиното меѓународно објавување.
По „Атлас“, со кој беше заокружена сагата за седумте сестри и нивниот таинствен татко, Витакер му се посветува на Орландо Форбс, ексцентричниот трговец со стари и ретки книги. Ликот што читателите го запознаа во серијалот овојпат ја добива главната улога. Зад неговиот препознатлив шарм се отвора лична приказна за љубовта, загубата и вистините со кои допрва треба да се соочи.
Дејството е сместено во Кент, во 2009 година. Орландо работи покрај Ѕвезда Д’Аплиез, опкружен со книгите што го исполнуваат неговиот живот. Појавата на таинствен посетител, кој бара примерок од „Божикна приказна“ на Чарлс Дикенс, го нарушува познатото секојдневие. Потрагата по реткото издание ги вовлекува во одамна закопана книжевна мистерија. Некој ги насочува трагите од сенка, а зад нив се наѕира одмазда што се заканува да го потресе наследството на седумте сестри.
Другата временска линија започнува во Лондон, во 1835 година. Елиза Ведерил има исклучителен талент за пишување, но живее во општество што ги ограничува нејзините амбиции. Кога Чарлс Дикенс ќе ѝ отвори пат кон издавачкиот свет, таа ќе се исправи пред избор меѓу сигурноста на очекуваниот живот и неизвесноста на сопствениот повик. Последиците од нејзината одлука ќе одекнуваат речиси два века подоцна.
Преку двете временски линии, романот ги поврзува книжевната загатка, семејната драма и потрагата по сопствениот идентитет. Истрагата за една книга прераснува во откривање на премолчени судбини, додека Орландо и Ѕвезда се соочуваат со сознанието дека семејството Д’Аплиез сè уште крие тајни.
Особена емотивна димензија носи и вистинската приказна зад создавањето на романот. Во предговорот, Витакер открива дека долго размислувал дали повторно да зачекори во светот на својата мајка. Пресвртница било раѓањето на неговите ќерки близначки во 2024 година. Станувајќи татко, поинаку ја почувствувал можноста нешто што го создал еден родител да продолжи да живее преку имагинацијата на неговите деца. Тоа лично сознание му помогнало да ја донесе одлуката да го напише „Орландо“.
За долгогодишните читатели на Лусинда Рајли, романот носи повторна средба со познати ликови и откривање на сè уште неодгатнати вистини. Истовремено, „Орландо“ може да се чита самостојно, што го прави пристапен и за публика која допрва ќе го запознава светот на „Седумте сестри“.
„Орландо“ од Хари Витакер, во издание на „Матица македонска“, веќе е достапен во книжарниците на „Матица“ и преку онлајн-продавницата matica.com.mk.