Македонската кинематографија во меѓународен подем, Белград добива можност да ја запознае


Од „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, филм кој ја освои меѓународната филмска сцена, до наградуваните остварувања на Ѓорче Ставрески i Александар Поповски – втората Ревија на македонскиот филм од 12 до 14 ноември носи три дена современа македонска кинематографија во Белград.

Македонската кинематографија во последните години постигнува исклучителни резултати на меѓународната филмска сцена. Нејзините автори освојуваат престижни фестивалски награди, нивните филмови добиваат меѓународни признанија и номинации, а одредени остварувања стигнуваат до најзначајните светски дистрибутери и публика. Сепак, и покрај овие успеси, македонскиот филм во Србија сè уште е недоволно присутен и недоволно познат на пошироката публика.

Во тој контекст, од 12 до 14 ноември 2026 година, во Установата за култура „Пароброд“ во Белград ќе се одржи 2. Ревија на македонскиот филм во Србија, која носи избор на играни, документарни и краткометражни филмови, средби со филмски автори, мастер-клас и придружна музичка програма.

Во центарот на овогодинешната ревија е документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска, остварување кое стана еден од најзначајните меѓународни успеси на современата македонска кинематографија. Тамара го доживеа својот голем светски успех како авторка на веќе прочуениот филм „Медена земја“, кој беше номиниран за Оскар во две категории.

По светската премиера на 82. Филмски фестивал во Венеција, каде што ја освои наградата Cinema and Arts Award, „Приказната за Силјан“ го продолжи својот исклучителен меѓународен пат. Филмот освои две награди од Меѓународната документарна асоцијација (IDA) – за најдобар долгометражен документарен филм и за фотографија, доби две номинации за Еми, номинации за Critics Choice Documentary Awards и Producers Guild of America, а воедно е и официјален кандидат на Северна Македонија за Оскар во категоријата најдобар меѓународен долгометражен филм. Неговата светска дистрибуција е во рацете на National Geographic Documentary Films. Покрај тоа, Тамара Котевска освои две признанија на Wildscreen Panda Awards, познати како „Зелени Оскари“, за режија и продукција.

Инспирирана од македонската народна приказна за момчето Силјан, кое по расправија со својот татко се претвора во штрк, Котевска гради документарна приказна за македонскиот земјоделец Никола Цонев, неговото семејство, економската неизвесност и необичното пријателство што се развива меѓу човекот и повреден бел штрк. Преку интимната приказна за човекот и природата, филмот отвора универзални прашања за опстанокот, припадноста, семејните односи и односот кон светот што се менува.

Публиката ќе има можност да го погледне филмот и во сабота, на 14 ноември, да се сретне со Тамара Котевска и да разговара за нејзиното творештво и меѓународниот пат на нејзините филмски остварувања.

Играна програма: од црна комедија до балканска историја

 

На програмата е „Исцелител“, игран филм на режисерот Ѓорче Ставрески, црна комедија со елементи на општествена сатира. Преку необичната приказна за автомеханичар кој се обидува да го излекува својот болен татко, филмот зборува за современото македонско општество, здравствениот систем и човечката потреба за надеж. Светската премиера ја имаше на фестивалот Tallinn Black Nights, беше прикажан на повеќе од 90 фестивали, освои низа меѓународни признанија и беше македонски кандидат за Оскар. По проекцијата, публиката ќе има можност да разговара со режисерот.

Ѓорче Ставрески во петок, на 13 ноември, ќе одржи и мастер-клас „Филмската тензија во процесот на создавање филм“, посветен на еден од клучните елементи на филмското раскажување и авторскиот процес.

Вториот игран наслов е „Балканот не е мртов“, историска драма на режисерот Александар Поповски, со Никола Ристановски во главната улога. Според сценариото на Дејан Дуковски, со музика на Кирил Џајковски, филмот ги следи судбините на македонско семејство од Битола на преминот од 19 во 20 век, испреплетувајќи ги нивните животи со приказната за патувањето со Ориент експрес. Остварувањето носи спој на семејна драма, историски превирања и балкански идентитет.

Четири кратки филмови што оставаат силен впечаток

 

Посебно место во програмата зазема блок од четири краткометражни филмови: „Награда“ на Лидија Мојсовска, „Да се чува планината“ на Изер Алиу, „Пепи и Муто“ на Ѓорѓи Унковски и „Дали си маж“ на Ѓорче Ставрески.

Четири различни авторски ракописи, четири света и четири приказни кои во кратка форма го постигнуваат она што често е најтешко во филмот – силно, прецизно и без непотребни објаснувања да ја погодат суштината. Овие филмови отвораат прашања за идентитетот, меѓучовечките односи, семејните очекувања, растењето и општествените норми, потврдувајќи дека и во кратката форма може да се создаде големо филмско дело.

Меѓу авторите е и Ѓорѓи Унковски, кој подоцна постигна забележителен меѓународен успех со филмовите „Налепница“ (Sticker) и „Диџеј Ахмет“ (DJ Ahmet). Вториот на фестивалот Санденс во 2025 година ја освои наградата на публиката и специјалното признание на жирито.

Филмска историја и музика за крај

 

Програмата ќе биде збогатена и со проекции на архивски филмски журнали, кои нудат дополнителен поглед кон филмската и културната историја на Македонија, од кои многу никогаш досега не биле прикажани пред пошироката јавност.

Ревијата ќе биде затворена во сабота, на 14 ноември, со музичка програма во изведба на џез-трио, со избор на филмска музика и композиции инспирирани од музичкото наследство на македонското поднебје.

И на крај посебна благодарност на Вардан Тозија, Тамара Котевска и Нина Радијчиќ, кои секоја година учествуваат во создавање на оваа ревија. И за „Тиквеш“,  „Филмске новости“, установата за култура Пароброд, град Белград и Петар Кајевски 11и11 саат и Прото за безрезервната поддршка да може да се реализира ревијата.

Влезот за сите програми е бесплатен.