Над 90 луѓе се уапсени во Србија за две недели


Повеќе од 90 луѓе се уапсени во Србија во изминатите две недели за различни кривични дела, а меѓу приведените има високи полициски функционери, јавни службеници и бизнисмени.

Професорот на Правниот факултет во Белград, Горан Илиќ, за РТС изјави дека последните апсења покажуваат дека во институциите почнува да се чувствува деполитизацијата. Тој вели дека до неодамна било незамисливо врховниот обвинител јавно да се огласи, а обвинителството самостојно да си ја врши работата.

Меѓу приведените се началникот на Управата за криминалистичка полиција, Марко Кричак, началникот на Службата за сузбивање криминал, Бошко Секулиќ, и командантот на Специјалната антитерористичка единица, Игор Жмириќ. Уапсени се и 17 полицајци.

На списокот се наоѓа и сопственикот на „Алта банка“, Давор Мацура, како и покраинскиот секретар за социјална политика, Предраг Вулетиќ. Приведени се и директорот на Републичкиот хидрометеоролошки завод, Југослав Николиќ, управникот на Казнено-поправниот завод Забела, Родољуб Рончевиќ, и претседателот на Општина Инѓија, Марко Гашиќ.

Илиќ потсетува дека судовите и обвинителствата и досега имале исти законски овластувања, но проблемот бил во тоа дали предметите навистина ќе се процесуираат или ќе останат заборавени во фиока.