Единаесет загинати во верижни судири во Бугарија на автопат: Маглата била причина за несреќите (фото/видео)

Има и многу повредени. Поради маглата нивната евакуација не може да се изврши со хеликоптер


 

Единаесет лица загинаа, а 48 се повредени во тешка несреќа на автопатот „Тракија“, соопшти бугарскиот премиер Румен Радев. Тој ја даде изјавата во Варна, каде што се сретна со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Радев појасни дека распоредот на посетата се менува поради несреќата. По средбата во Варна, тој заминува за Бургас, Сливен и Јамбол.

Премиерот додаде дека веста за несреќата ја добиле додека биле во владиниот авион, на пат кон Варна. По слетувањето, тој му наложил на министерот за внатрешни работи, Иван Демерџиев, да отпатува за Бургас, со цел авионот да може да се искористи за транспорт на повредените до болниците во Софија.

Првите информации беа дека едно лице загинало, а повеќе се повредени во верижни сообраќајни несреќи со над 50 патнички и товарни возила на автопатот „Тракија“, во близина на бугарскиот град Јамбол. Автопатот е затворен во двата правца, а спасувачките екипи се обидуваат да стигнат до луѓето заглавени во возилата.

Несреќите се случија во вторникот наутро, меѓу клучките „Зимница“ и „Кабиле“, во услови на густа магла и значително намалена видливост. Според главниот инспектор Тодор Мишинев од полицијата во Јамбол, меѓу возилата што се судриле има и цистерни.

„Има заглавени луѓе во автомобилите. Во моментов приоритет се спасувачките активности. Откако ќе завршат, ќе бидат спроведени и истражните дејства“, изјави Мишинев.

Седум повредени се пренесени во болницата во Јамбол. Заменик-директорот Валентин Валчев соопшти дека пациентите се во тешка состојба, со повеќекратни повреди, и се згрижени во шок-собата.

Мобилизирани се сите расположливи екипи за реанимација, хирургија и трауматологија. Бидејќи болницата нема оддел за неврохирургија, пациентите на кои им е потребна таква помош ќе бидат пренесени во други здравствени установи.

 

Пристапот до повредените е отежнат поради блокираните коловозни ленти. Ангажирани се екипи за отстранување на заштитните огради за да се овозможи пристап на спасувачките служби. Според Валчев, густата магла го отежнува и евентуалното слетување на хеликоптер.

Според објавеното предупредување, првата несреќа се случила нешто по 7 часот, на 289. километар во правец кон Бургас. Набргу потоа следувал уште еден судир во истиот реон, а неколку минути подоцна се судриле возила и во правец кон Софија.

Според најавите на надлежните, автопатот ќе остане затворен во двата правца во текот на целиот ден. Сообраќајот се пренасочува по обиколни патишта.

Кон местото на несреќите се упатиле и високи претставници на бугарското Министерство за внатрешни работи, како и министерката за здравство.