Ирски министер: Членството во ЕУ е добар начин за решавање на отворените билатерални прашања


 

ЕУ е на пат да ја прими Црна Гора како 28. членка во 2028 година, објави ирското претседателство со ЕУ во време кога стравувањата во блокот за новата членка се префрлаат од реформските напори на земјата кон можни вета од страна на сегашните членови на самиот крај од процесот, пишува денес „Фајненшел тајмс“.

Црна Гора сè уште не затворила десет од 33-те поглавја во преговорите со ЕУ, а Европската комисија проценува дека земјата би можела да го потпише договорот за пристапување кон ЕУ во јуни следната година.

Во тој момент, последната пречка за пристапување кон блокот би била ратификацијата од страна на 27-те членки. Имено, некои функционери стравуваат дека силната поддршка за крајно десничарските, евроскептични партии во земји како Франција, каде што се потребни три четвртини, супермнозинство или национален референдум за прифаќање на нова членка на ЕУ, би можела да го попречи целиот процес.

„Не можеме да ги предвидиме изборите… или што ќе се случи во 27-те земји (ЕУ), но знам дека е во интерес на членовите ЕУ да се прошири кога кандидатите ќе ги исполнат стандардите што им ги поставивме“, рече ирскиот министер за Европа, Томас Бирн.

Бирн рече дека работат на нацрт-договор за пристапување со Црна Гора и дека знае дека црногорската влада е ангажирана во главните градови и парламентите на ЕУ. „Силно ги охрабрив да го сторат тоа“, рече ирскиот министер.

„(Одобрувањето од постојните членки) е многу важен дел од процесот… Никој не го избегнува прашањето. Мислам дека луѓето многу активно размислуваат за тоа прашање за да се осигурат дека процесот може да се заврши“, рече Бирн, објави „Фајненшел тајмс“.

Ирскиот функционер, исто така, рече дека е „убеден“ дека Ирска може да помогне во постигнувањето договор што ќе ги ублажи билатералните стравови на Хрватска пред крајот на оваа година. Хрватска како членка на ЕУ, која се граничи со Црна Гора, како услов за пристапување на Црна Гора во ЕУ, постави решавање на прашањата поврзани со балканските конфликти од 1990-те.

„Хрватска беше навистина кооперативна во тој процес. Несомнено има одредени билатерални прашања, како и прашања што се наследство од минатото, но знам дека тие (хрватската влада) соработуваат многу тесно со црногорската влада за нивно решавање“, рече Бирн.

Ирскиот министер додаде дека во последните недели се одржале состаноци на највисоко ниво и дека разговорите меѓу Црна Гора и Хрватска продолжуваат, што ЕУ го охрабрува.

„Членството во ЕУ е историски одличен начин за решавање на отворените билатерални прашања“, истакна Бирн.