Реакција на ЕСМ: Платата ќе биде во законскиот рок, се ажурираат податоци на вработени


Платата за вработените во АД ЕСМ ќе биде исплатена во законскиот рок. Тековните административни усогласувања во компанискиот систем за исплата на личниот доход се должат на едновремените барања од над 140 вработени за ажурирање и промена на нивните лични податоци. Тоа наметна потреба од дополнително време за нивна техничка обработка и верификација до 6 ноември, со цел да се обезбеди сигурна и точна распределба на средствата, соопшти АД ЕСМ во реакција по објавата на СДСМ дека во компанијата доцни октомвриската плата. 

АД ЕСМ во соопштението додава дека нивното работење, „кое изминатите две години минува низ интензивен процес на финансиска и техничко-технолошка консолидација, не треба во ниту еден случај да се поврзува со државниот буџет, затоа што средствата за плати компанијата самостојно ги обезбедува без субвенции, за разлика од периодот 2021-2024 година“.

-Компанијата најостро ги осудува обидите на одредени политички партии за саботажа на енергетскиот сектор односно преку тенденциозно и лицемерно користење на вонредните административни прилагодувања – да создаваат лажен наратив и да внесуваат немир помеѓу вработените. Во контекст на платите и надоместоците за вработените, би сакале да потсетиме дека е почнат процесот за зголемување на платите во АД ЕСМ согласно неодамна потпишаниот Колективен договор со репрезентативните синдикати. Исто така, на почетокот на јули е исплатен регресот за годишен одмор за 2026 година во 100 проценти вредност, а последните две години вработените ја добиваат декемвриската плата пред почетокот на новогодишните празници, наведува компанијата во допис до медиумите.