Со автобуси до пари: Пензионери од Прилеп, Ресен и Охрид дојдоа во Алта банка во Битола


Редица пред експозитурата на Алта банка во Битола (Фото: А. Блажевска)

Пред експозитурата на „Алта банка“ во Битола денеска пристигнаа автобуси со пензионери и приматели на социјална помош од Прилеп,  Ресен и Охрид , кои дојдоа да си ги подигнат парите. Меѓу нив имаше и граѓани кои се движеа со бастун.

Откако Народната банка воведе привремена администрација, експозитурата на „Алта банка“ во Прилеп не работи, па граѓаните се принудени да патуваат повеќе од еден час до Битола за да ги добијат своите средства. Граѓаните бараат банката да им издаде и исписници за да можат да ги префрлат сметките во други банки.

„Загрижени сме што ќе биде со следната пензија. Немоќни сме да патуваме вака со автобуси. Зарем и за следните 20.000 денари ќе треба да доаѓаме во Битола?“, реагираа прилепчани.
 

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, вчера најави дека од понеделник, 9 ноември, повторно ќе почнат да работат и експозитурите во Тетово и Струмица. Таму клиентите без платежни картички ќе можат да подигнат до 20.000 денари.

Народната банка на 1 ноември воведе привремена управа во „Алта банка“ АД Битола, откако на матичната банка во Белград ѝ беше одземена лиценцата за работа и беше отворена стечајна постапка. Оттогаш, клиентите на битолската банка можат да подигнуваат најмногу по 10.000 денари неделно од банкомат, додека оние без платежни картички можат да добијат до 20.000 денари на шалтер.

Народната банка соопшти дека ќе има нови олеснувања за клиентите на Алта банка АД Битола која од неделата е под администрација на централниот регулатор.

„ НБРМ за да им излезе во пресрет на оние граѓани од Ресен, Прилеп и Охрид, ќе организира автобуски превоз до филијалата на Алта банка АД Битола со цел да си ги подигнат и тие пензиите и социјалната помош. Логистички ова е полесно за организација отколку да се носи готовина во филијалите во овие градови“, рече вчера на прес-конференција гувернерот Трајко Славески.

Според него, од следната недела, неделниот лимит за плаќање со платежната картичка ќе биде зголемен од 10.000 на 15.000 денари. Третото олеснување се однесува на сите идни пензии, плати или социјални трансфери кои доаѓаат од институции или фирми кои имаат сметки во други банки, граѓаните ќе можат да ги повлечат во целост, беа ограничување на износот. Затоа граѓаните нема да мора да отвораат сметка во друга банка“, потенцира Славески.

Според него, експертите за софтвер работат деноноќно за да биде овозможено од следната недела пред истекот на рокот за исплаќање на плати, фирмите да може да исплаќаат плати.