ЕК: Македонија не прави напори за уставните измени

Провокативните изјави на високи политичари во врска со плановите за „чистење“ на правосудството и обвинителството се недозволено влијание и заплашување


 

Европската комисија во извештаите за прогресот на земјите кандидати зе влез во ЕУ денес ќе порача дека овогодишната проценка – е последната што ќе ја направи за Црна Гора, бидејќи се предлага во јуни идната година таа да потпише договор за членство во ЕУ. Македонија не само што нема да биде вклучена во групата на четири земји кандидати (покрај Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина) кои ќе добијат патокази за членство, туку  ќе добие и порака – дека не прави ништо околу уставните измени,.т.е. да се најде на листата на земји што бргу може да влезат во ЕУ. Иако во извештајот за годинава има и добри и лоши оценки, таа денес како земја е далеку од рефлекторот во ЕУ. 

„Не беа преземени обиди за усвојување на соодветните уставни измени наведени во
Заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година. Земјата се обврза да ги иницира и
спроведе овие измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓаните кои живеат во рамките
на државните граници и кои се дел од други народи, како што се Бугарите“, стои во оценката на ЕК. 

Според ЕК, потребни се значителни дополнителни напори за промовирање атмосфера на дијалог и меѓусебна почит со Бугарија , забележувајќи дека Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања одржала четири состаноци во периодот помеѓу септември 2025 и март 2026 година – но без конкретни резултати.

„Соработката меѓу двете земји во однос на Коридорот VIII резултираше со потпишување договор во ноември 2025 година, кој се однесува на подготовката, изградбата и управувањето со тунелот долж коридорот, на границата меѓу двете земји. Континуираниот дијалог меѓу страните, поддржан на највисоко политичко ниво, останува од суштинско значење за унапредување на спроведувањето на проектот“, препорачува ЕК. 

Притоа се повторува ставот дека „постојните билатерални договори со соседните земји треба да се спроведат со добра волја од сите страни, вклучувајќи го и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“, откако претходно се забележува дека има искричења и на релација со Грција поради одбивањето на наши функционери да го користат уставното име на државата. 

Иако уставните измени се директната пречка за да напредува Македонија, во извештајот има други покрупни забелешки кои, што е поважно, се провлекуваат со години, а главно ја прават „црна“ сликата со судството, борбата против корупцијата и демократијата. 

Околу изборите се оценува дека правната и институционалната рамка обезбедуваат основа за демократско спроведување на изборите, но и натаму нема напредок во усогласувањето со стандардите на ЕУ и спроведувањето на преостанатите препораки на ОБСЕ (ОДИХР) и Венецијанската комисија во однос на изборниот законик. Притоа се оценува дека „изборните дезинформации и манипулацијата со странски информации остануваат недоволно адресирани во земјата“ и дека Македонија треба да  обезбеди транспарентност и таргетирање на политичкото рекламирање, земајќи ги предвид европските и меѓународните демократски стандарди.

„Изборите беа конкурентни и им понудија на гласачите вистински избор, но се одржаа во поларизирана политичка средина со некои процедурални недостатоци. Иако законската рамка обезбедува техничка основа за спроведување демократски избори, таа содржи бројни празнини и двосмислености, што ја компромитира правната сигурност. Не е постигнат напредок во решавањето на клучните преостанати препораки од ОДИХР и Венецијанската комисија на Советот на Европа.  Тие препораки вклучуваа:  спроведување на сеопфатен отворен и инклузивен преглед на Изборниот законик многу пред следните избори;  обезбедување фер и транспарентни услови за кампања, вклучувајќи еднаков пристап до медиумите, ефикасна регулатива, барања за известување и надзор на онлајн кампањата и ревидирани правила за распределба на платено политичко рекламирање; елиминирање на
ограничувањата што го попречуваат ефикасното решавање на изборните спорови и зајакнување на механизмот за санкционирање за изборни прекршувања“, стои во извештајот во ситуација кога во Македонија се блокирани изборните измени и препораките се „влечат“ со години – бидејќи промените не им одговараат на најголемите партии.

Во однос на судството и генерално владеењето на правото се забележува дека земјата усвојува закони, но целокупната независност на судството и неговата финансиската автономија се поткопани од постојаното мешање од други државни гранки и драстичниот недостаток на финансиски и човечки ресурси.

„Мешањето во судовите останува сериозна грижа. Провокативните изјави на високи политичари во врска со плановите за „чистење“ на правосудството и обвинителството,
вклучително и личните критики упатени кон судии и обвинители, претставуваат
недозволено влијание и заплашување, со што се поткопува независноста на
правосудството. Во ноември 2025 година, во еден досега незабележан потег, Врховниот
суд, Судскиот совет и Здружението на судии излегоа со заедничка реакција на
постојаните, неосновани јавни критики што доаѓаа од највисоките нивоа на власта. Во својата
декларација, тие потсетија дека ваквите изјави го поткопуваат демократскиот принцип на
поделба на власта и ја истакнаа потребата од почитување на независноста на судството. Во април 2026 година, Судскиот совет, исто така, упати апел до медиумите да се воздржат од неосновани напади и сензационалистичко известување за судиите, во отсуство на јасен и оправдан јавен интерес, со цел да се избегне поткопување на нивната независност“, стои во оценката на ЕК. 

Според Брисел, не е постигнат напредок и во спроведувањето на стратегиите од 2020 година за управување со човечки ресурси во судовите и јавните обвинителства, ниту пак во донесувањето на новите стратегии за периодот 2027–2030 година. Затоа се бара Македонија да го забрза спроведувањето на Стратегијата за судски реформи; да ги спроведе новоусвоените закони за Судскиот совет, за Советот на јавни обвинители и навремено да го ревидира Законот за Јавното обвинителство за да ги зајакне тие институции. Тоа значи и да  обезбеди пополнување на судските празни места, вклучително и преку забрзување на спроведувањето на стратегиите за човечки ресурси за судството и јавното обвинителство, како и обезбедување доволно средства. Потоа стои една срамна за нас забелешка:

„Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители ја поништи најголемата постапка за прием досега (130 кандидати) поради недоволни средства во државниот буџет за 2026 година, што доведе до ситуација во која нема да има нови кандидати пред 2028 година. Во јануари 2026 година, група незадоволни кандидати ја оспорија одлуката пред Управниот суд, кој ја отфрли тужбата. Академијата треба да остане единствената влезна точка за правосудството и јавното обвинителство, а нејзината почетна обука не треба да се скратува“, забележува ЕК.

И годинава „црвен аларм“ има за измените на Кривичниот законик за кој се најавува со месеци дека ќе биде донесен нов до крајот на годинава, бидејќи тогаш истекува рокот  од Рерформската агенда. И сега ЕК оценува дека корупцијата е распространета и
претставува прашање за сериозна загриженост, а Кривичниот законик, ваков каков што е сега, не обезбедува казнивост.

„Измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, кои се однесуваат на злоупотребата на службената положба, не ги отстрануваат негативните последици од измените направени во 2023 година. Повторно е воведена посебна одредба за злоупотреба на службената положба во јавните набавки, но со многу потесен опсег отколку во правната рамка што важеше пред 2023 година. Ова кривично дело опфаќа само два основи, што е премногу тесно за да се опфатат други сериозни процедурални манипулации за време на постапката за јавни набавки, па затоа опсегот треба да се прошири. Исто така, измените не го решаваат соодветно влијанието на промените од 2023 година врз застарувањето на кривичното гонење“, порачува ЕК.

Во извештајот притоа се најде место и за случајот со Артан Груби. 

„Беа покренати различни истраги за корупција, кои се однесуваат на злоупотреба на јавни средства и други форми на корупција. Некои од истрагите резултираа со обвиненија, како на пример во случајот што го вклучува директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Поранешен заменик-премиер за кој беше издадена меѓународна потерница, се врати во земјата, беше ставен во домашен притвор и му се суди по обвиненија за корупција, злоупотреба на службената положба и прекршување на законите за јавни набавки. Сепак, сè уште постојат значителни системски предизвици во претворањето на истражните напори во конкретни резултати, особено во однос на ефикасните судски постапки и повратот на имот“, стои во оценката.

Според ЕК, „ случаите на корупција на високо ниво продолжуваат да се соочуваат со одложувања и честопати достигнуваат рок на застарување, придонесувајќи за перцепцијата за неказнивост.Препораките на Комисијата од минатата година не беа разгледани и затоа остануваат валидни. Во наредната година, Северна Македонија треба да усвои нов Кривичен законик и нов Закон за кривична постапка во согласност со acquis на ЕУ и меѓународните стандарди;да го подобри својот увид во случаите на корупција на високо ниво — со навремени, професионални и транспарентни проактивни истраги, гонења, конечни пресуди и наплата,
вклучувајќи конфискација на криминален имот, конфискација базирана на вредност, проширена конфискација и конфискација од трети страни; да додели доволно човечки и финансиски ресурси, вклучително и финансиски експерти, на Јавното обвинителство и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, за да се обезбеди ефикасна одговорност на високо ниво во случаите на корупција.  Државната комисија за спречување на корупција, пак, да ја  подобри проверката на анкетните листови за имот“, стои во извештајот на ЕК.

За  да се оствари тоа се бара да се зајакнат дополнително   капацитетите и ресурсите на агенциите за спроведување на законот кои истражуваат организиран и сериозен криминал, финансиски криминал и перење пари, и на Канцеларијата за враќање на средства и Агенцијата за управување со конфискуван имот, и за првпат Македонија да го  усогласи своето законодавство за наркотични дроги и психотропни супстанции со acquis на ЕУ.

Надвор од тоа, силна е забелешката дека во земјата „имало случаи во кои граѓанските општества и бранителите на човекови права се соочени со заплашување, онлајн вознемирување и кампањи за клевета“. Исто така се додава дека „родово-базираното насилство останува сериозно прашање на човекови права, кое опфаќа семејно насилство, психолошко, економско и сајбер насилство и фемицид“.

„Не беа преземени чекори за усогласување со правото на ЕУ за не- дискриминација и еднаквост, вклучително и родова еднаквост. И покрај реновирањето на некои затвори
објектите, целокупната состојба во затворите останува ужасна“, оценува ЕК.

 За работата на Парламентот стои дека и окрај тоа што има јасен Деловникот за работа,  повторно не успеал да ја усвои својата годишна агенда.

„Консензусот за законодавството што бара квалификувано мнозинство остана неостварлив, одложувајќи ги клучните реформи, додека употребата на скратени законодавни процедури дополнително се зголеми“, оценува ЕК.

Покрај тоа стои дека политичката поларизација продолжува, одложувајќи го усвојувањето на важни реформски закони и резултирајќи со неколку задоцнети назначувања. Комисијата за следење на правичната застапеност на граѓаните  останала неактивна, и покрај неколку нови меѓуетнички прашања. Консензусот за законодавството кое бара двотретинско и/или Бадентерово мнозинство тешко се постигнува и тоа ги одлага важните реформи, вклучувајќи го Законот за судовите и Законот за подобрување на статусот на Канцеларијата на народниот правобранител. Иако бил постигнат  одреден напредок во назначувањата на високо ниво со  нов Народен правобранител избран со поддршка од повеќе партии, допрва треба да се изберат осум нови заменици народни правобранители – забележува ЕК.

За јавната администрација стои дека земјата донела  закон за високата раководна служба,  но дека тој има сериозни недостатоци во однос на составот на одборите за селекција,
методологиите за избор и регрутирање на врвни менаџери и објективните критериуми
за разрешување.

И натаму се бара целосна  транспарентност во сопственоста на медиумите и распределбата на јавни средства за државно рекламирање, конкуренцијата и државната помош, како и права од интелектуална сопственост, како и институциите да постапуваат  навремено околу  сите закани и акти на насилство врз новинарите и да обезбедат  дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Иако Македонија и годинава е пофалена за усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, стои дека таа треба да се „ справи со предизвиците поврзани со спроведувањето на рестриктивните мерки на ЕУ, вклучително и правниот временски јаз помеѓу усогласувањето и формалното стапување во сила“.

 За меѓуетничката состојба во земјата остана оценката дека е генерално стабилна, а Охридскиот рамковен договор продолжува да се спроведува, насдпроти спротивните тврдења на ДУИ. Но, според ЕК, предизвиците остануваат.

„Пред локалните избори, во услови на силно поларизирана политичка клима, се случија одредени меѓуетнички инциденти во кои беа вклучени спортски групи. Петицијата и протестите на група студенти по право, кои бараа полагање на испитот по правни предмети на албански јазик, поттикнаа јавна дебата, отворајќи пошироки и повторливи дискусии за практичното остварување на јазичните права и правичната застапеност на заедниците што не се мнозинство во државните институции. Владата предложи нов Закон за соодветна и правична застапеност, откако Уставниот суд во 2024 година го укина механизмот „балансер“. Сепак, неговото усвојување во Собранието сè уште чека, бидејќи во моментов нема доволно гласови за обезбедување на потребното Бадентерово мнозинство“, оценува ЕК.

Спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер останува на незадоволително ниво, при што некои јавни институции, забележува ЕК, „ ги одбиваат барањата или го одложуваат обелоденувањето на информациите врз основа на произволни причини“.

„Примената на Законот за лобирање е исто така ограничена. Досега се регистрирани само еден лобист и три организации за лобирање; други организации за лобирање не се регистрирани. Законот за заштита на укажувачите сè уште треба да се усогласи со правните текови на ЕУ (acquis) и да обезбеди соодветни механизми за негово спроведување. Лицата кои пријавуваат неправилности можат да се соочат со одмазда, како што се вознемирување или отпуштање од работа, што ја поткопува ефективноста на законот. Оваа состојба дополнително се влошува поради ниската доверба во институциите и распространетото чувство на неказнивост“, оценува Брисел.

На крајот, се порачува дека „Северна Македонија треба да постигне опиплив напредок во борбата против производството и трговијата со недозволени дроги“.

„Во 2025 година беа запленети околу 2.390 кг дрога (184 кг во 2024 година), а уништени беа вкупно 4.000 кг дрога (исклучиво канабис). Ова е прва операција од ваков вид за уништување на дрога од 2023 година. Надлежните органи треба да продолжат редовно да ги уништуваат запленетите дроги, откако ќе бидат исполнети пропишаните законски услови“, препорачува ЕК.