Славески ја појаснува својата изјава за Алта банка дека „медиумите ја урнаа банката“. Мислел на српските медиуми
Изјавата беше контроверзна, па сега гувернерот Трајко Славески се обидува да ја дообјаснува и да отфрли некакви сомнежи. Па дообјаснува:
„Во еден момент во мојот настап во емисијата ‘Топ тема’ на Телма во минатиот понеделник изнесов став околу една од можните причини за брзото пропаѓање на Алта банка од Белград. Спомнав дека ‘Медиумите ја урнаа банката…’, мислејќи на мноштвото шпекулации и непроверени информации кои циркулираа во медиумскиот простор во Србија неколку дена пред одлуката на НБС за одземање на дозволата за работа на банката“, се посочува во соопштението од Народната банка (НБ) од постот на Х на гувернерот Трајко Славески во кој тој дополнително појаснува дел од својата изјава во емисијата „Топ тема“ на Телма, која предизвика силни реакции во јавноста.
Навистина, во српските медиуми имаше „шпекулации“ за Алта банка, кои по неколку дена завршија со одземање на дозволата за работа, отворање постапка за стечај и апсење на нејзиниот сопственик Давор Мацура, кој се обиде да изнесе околу 400 милиони евра од трезорот на банката. Можеби се „шпекулации“ и вестите за стечајот на Алта банка и апсењето на Давор Мацура.
„До мене допираат информации дека наводно сум вперил прст кон домашните медиуми. Сакам да појаснам дека во тој дел од емисијата зборував за случувањата поврзани со Алта банка во Србија и за објавите во тамошните медиуми во врска со одливот на средства од банката. Во ниту еден момент не мислев на„Алта банка АД Битола, ниту, пак, сакав да ја доведам во прашање професионалноста на македонските медиуми. Тоа беше смислата на мојот одговор.
Во однос на случувањата кај нас, сметам дека прес-конференциите на СДСМ придонесоа за создавање недоверба и дополнителен притисок, во контекст на кој беше воведена и заштитната мерка за ограничување на исплатите на 10.000 денари неделно.
Особено ми паѓа тешко доколку мојата изјава е разбрана поинаку од новинари и припадници на новинарската фела чија работа исклучително ја почитувам и чии текстови редовно ги читам. Доколку со мојата формулација, макар и ненамерно, сум навредил некого од новинарската фела, искрено се извинувам. Тоа во никој случај не беше мојата намера“, појаснува Славески.