Бесплатни униформи за сите ученици од прва година во Скопје – првата пратка пристигна во „Корчагин“
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска беше во средното училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“, каде што пристигна првата пратка бесплатни униформи.
Тој нагласи дека станува збор за униформи кои се изработени од 100% памук и дека ова е почеток на реализацијата на мерката со која униформи ќе добијат сите ученици од прва година во средните училишта на Град Скопје.
„За мене, секое дете заслужува со крената глава да влезе во училницата. Да се чувствува прифатено, почитувано и еднакво. Ниту еден ученик не смее да чувствува помала вредност поради финансиските можности на своето семејство! Во училишните клупи треба да се истакнуваат знаењето, трудот и талентот. Таму се градат пријателства, се откриваат способности и се раѓаат големи соништа. Наша обврска е да создадеме услови тие соништа да растат! Токму затоа, со бесплатните униформи го олеснуваме товарот врз семејниот буџет и придонесуваме за намалување на видливите социјални разлики меѓу учениците“, истакна Ѓорѓиевски.

Градоначалникот наведува и дека мерката ќе претставува и конкретен чекор кон училишна средина во која нема место за потсмевање, дискриминација и булинг поради облеката што некој ја носи.
Притоа, тој посочи дека опремиле кабинети по информатика, обезбедиле дидактички материјали и помагала, интерактивна технологија, смарт табли, нови клупи и столчиња, додавајќи дека вложуваат и во спортски терени и фитнес зони, како и во современи услови за учење и здрав развој.