Израелски хирурзи повторно во Македонија за да им помогнат на повредените во „Пулс“
Хирурзи од медицинскиот центар „Шеба“ во Тел Авив, Израел повторно пристигнаа во Македонија за да им помогнат на повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Медицинскиот тим ќе остане една недела, а заедно со македонските лекари ќе процени какви интервенции им се потребни на пациентите.
Како што објави министерот за здравство Сашо Клековски, тимот го предводи д-р Моти Харац, директор на Националниот центар за изгореници и експерт за пластична и реконструктивна хирургија и лекување сложени изгореници.

Во тимот се и д-р Матан Шерф, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија и хирургија на рака, како и д-р Тал Канфино Кац, ортопедски и реконструктивен хирург. Д-р Харац и д-р Канфино Кац беа во Македонија и непосредно по трагедијата на 16 март 2025 година, кога израелските и македонските лекари заедно ги лекуваа повредените.
Сега се враќаат за да ја продолжат грижата за пациентите. Според најавата на Клековски, прво ќе ја проценат нивната здравствена состојба, а потоа ќе извршат интервенции во Кочани и во Скопје, во соработка со домашните медицински тимови.