Честите попладневни дремки може да бидат ран знак на деменција, покажува студија


Честите дневни дремки кај постарите возрасни лица се поврзани со значително поголем ризик од развој на деменција, покажува нова студија. Истражувањето сугерира дека навиката за попладневни дремки може да биде ран показател за когнитивен пад, а не само безопасна навика, објавува Science Alert.

Резултати од новата студија
Научниците предводени од психологот Адам Спиро од Универзитетот Џонс Хопкинс анализирале податоци за 995 лица над 65 години, собрани преку Националната студија за здравје и стареење (NHATS). На почетокот на следењето, ниту еден од учесниците немал знаци на деменција. Во просечен петгодишен период, 417 учесници, или 41,9 проценти, развиле можна или веројатна деменција.

Откако ги зедоа предвид факторите како што се возраста, полот, образованието и различните здравствени навики, истражувачите открија дека луѓето кои дремат секој ден или речиси секој ден имале 48 проценти поголема стапка на деменција во споредба со оние кои не дремат.

Слично на тоа, ненамерното дремење било поврзано со 39 проценти поголем ризик. Анализата, објавена во „The Journals of Gerontology, Series A“, исто така откри дека кратката дремка до 30 минути е поврзана со 40 проценти поголем ризик од деменција во споредба со луѓето кои не дремкале во текот на денот.

Двонасочна врска
Важно е да се напомене дека студијата не докажува дека дремката предизвикува деменција. Врската е веројатно посложена и може да биде двонасочна. „Почестата дремка може да биде маркер на промени во мозокот, а не нужно причина за нив, што доведува до деменција“, вели Спира.

Со други зборови, невролошките промени што ја нарушуваат когнитивната функција може да предизвикаат и зголемена поспаност. Во овој случај, честото дремкање не е причина, туку симптом на постоечките промени во мозокот.

Влијанието на ноќниот одмор
Дремката преку ден често служи за компензација на лошиот ноќен сон, но може да го наруши и ноќниот одмор. Истражувачкиот тим ги зеде предвид и овие фактори. Во анализата, тие ги прилагодија податоците за да го исклучат влијанието на времетраењето на ноќниот сон, дневната поспаност и ризикот од апнеа. Резултатите покажаа дека поврзаноста помеѓу честите, ненамерните и кратките дремки и ризикот од деменција остана статистички значајна.

Потенцијален индикатор за ризик
Иако природата на оваа поврзаност сè уште не е целосно разбрана, научниците се надеваат дека понатамошните истражувања ќе дадат конкретни одговори. Доколку поврзаноста се потврди, следењето на навиките за дремка би можело да стане корисна алатка во превенцијата од деменција. „Доколку идните докази потврдат причинско-последична врска, дневните дремки би можеле да станат уште еден модифицирачки фактор на ризик во примарната превенција на деменција кај постари возрасни лица“, велат истражувачите. „Дури и ако врската не е причинско-последична, навиките за дремка можат да послужат како корисен индикатор за иден ризик од деменција. Ова би помогнало да се насочат студиите за превенција кон групи со висок ризик“, заклучуваат тие во трудот.