Вечер кога со идеите затропавме на светската модна врата во МСУ (фото)


Синоќа, на Моден викенд Скопје, во преполниот Музеј на современа уметност со убави и креативни гости, модната сцена доби една поинаква димензија. Ревиите на студентите од Академијата за моден дизајн при СКАЛА, Bikova Studios со „Cherga“, CAPA Atelier со „Euphoria: The Art of Feeling Everything“ , Terziya  со „VESPERTINE“, A2 Atelier со „HER THORNS“, Warm Metal со истражување на маицата и Alshar со „Living Canvas“ , донесоа повеќе од модни приказни- донесоа визија, автентичност и смелост да се излезе од познатите и веќе видени рамки.

Секој со својот препознатлив ракопис, свој јазик и своја естетика, тие потесетија дека вистинската мода  не следи правила, туку создава нови. Дека креативноста нема граници, а стилот е многу повеќе од она што го носиме –  тоа е она што го оставаме зад себе.  Вечер во која материјалите, силуетите раскажуваа (со одличен избор на манекенки, фризура и шминка и модни додатоци), а идеите ја поместија границата меѓу модата и уметноста.Затоа што модата не е само прашање на трендови. Таа е храброст да бидеш поинаков , да провоцираш, да инспирираш и да оставиш трага. 

Скопје, синоќа, во МСУ, не само што ја гледаше модата – ја почувствува.

СКАЛА со шест млади авторски перспективи

Ревискиот дел го отворија студентите од Академијата за моден дизајн при СКАЛА, со шест колекции создадени под менторство на Катерина Тошева и Ирина Тошева. Нивната заедничка презентација ги поврза истражувањата на личното, емотивното и променливото, оставајќи простор за шест различни модни идентитети.

Темите се движеа од тивката сила и трансформацијата до младоста и бунтот, детската слобода, нежноста и внатрешните циклуси. Инспирацијата од природата, личните искуства и супкултурите беше преточена во силуети, материјали, бои и детали преку кои секој студент го развива својот авторски јазик. Претставувањето понуди поглед кон една генерација која преку модата ги формулира сопствените прашања и ставови.

Bikova Studios со „Cherga“ меѓу семејното наследство и новиот почеток

Bikova Studios ја претстави „Cherga“, колекција во која чергата е симбол на праг, премин и почеток. Познатиот предмет од домот станува појдовна точка за влегување во нов простор и нова авторска насока.

Инспирацијата доаѓа од фрагменти од графичките дела на Драган Биков, дедото на дизајнерката. Пренесени од хартија во текстил, тие добиваат нов живот преку материјалот, конструкцијата и облеката. Семејното уметничко наследство се продолжува во друг медиум, а враќањето кон корените отвора можност за движење напред.

CAPA Atelier ги претвори емоциите во облека

Сара Павловска, дизајнерката зад CAPA Atelier, ја претстави „Euphoria: The Art of Feeling Everything“, колекција посветена на врската меѓу модата, современата уметност и човечките емоции. Образувана во „Џолев и уметностите“ во Скопје и на NABA во Милано, Павловска ја развива својата креативна визија преку прашањето како невидливото чувство може да добие физичка форма.

Што ако нашите емоции имаат облик? И што ако можеме да ги носиме? Од овие прашања тргнува колекцијата, во која секој изглед претставува различна емоционална состојба. Како што современата уметност може да изрази момент, хаос или чувство преку боја и форма, така CAPA Atelier ја користи облеката за да го направи внатрешното доживување видливо и носливо.

Terziya ја донесе романтиката на самракот со „VESPERTINE“

Со „VESPERTINE“, Terziya ја пронајде својата инспирација во самракот, во мигот кога познатото станува мистериозно, силуетите омекнуваат, а имагинацијата го презема просторот. Втемелена во мрачниот романтизам, колекцијата ја истражува деликатната напнатост меѓу силата и ранливоста, воздржаноста и желбата, интимноста и дистанцата.

Палетата ја гради таа атмосфера преку длабока виолетова, црна и богати кафеави тонови. Виолетовата носи мистерија и сензуалност, црната тивок интензитет, а кафеавата земјена топлина. Суптилните златни акценти се појавуваат како последни траги од сончевата светлина.

A2 Atelier со „HER THORNS“ за нежноста што има сопствена сила

Анастасија Атанасовска отвори ново поглавје за A2 Atelier со „HER THORNS“, колекција која ја опишува како своја досега најсложена и најпосветена на деталите. Целосно рачно изработени, парчињата ја ставаат во преден план работата зад конечниот изглед, часовите посветеност, прецизноста и вниманието кон секој детаљ.

Инспирирана од симболиката на розите и нивните трње, колекцијата раскажува за жена чија убавина ги опфаќа и нежноста и способноста да се заштити. Трњето е суштински дел од нејзиниот карактер и посебност.

Преку оваа симболика, „HER THORNS“ ја истражува женственоста како сложена целина, во која мекоста и одлучноста постојат заедно. Рачната изработка ѝ дава материјална форма на таа приказна, поврзувајќи ја личната порака со занаетчиската посветеност.

Warm Metal со истражување на маицата и природата на облеката

Warm Metal го насочи вниманието кон маицата, едно од најпознатите и најсекојдневни парчиња во гардеробата. Претставувањето, најавено како студија за маиците и природата на облеката, го постави овој едноставен предмет во центарот на авторското истражување.

Во контекст на издание посветено на модата и современата уметност, ваквата појдовна точка отвора простор да се размислува за облеката и надвор од нејзината вообичаена употреба. Што гледаме кога гледаме маица и што сè може да стане предмет на дизајнерско истражување во нешто што секојдневно го носиме? Со овој фокус, Warm Metal внесе поинаков агол во вечерната програма.

Alshar со „Living Canvas“ ја претвори облеката во живо платно

Втората вечер ја заокружи Силвија Михајловска со Alshar и колекцијата „Living Canvas“, инспирирана од модерната уметност, особено од апстрактниот експресионизам. Креациите добиваат улога на платно на кое формата и бојата се развиваат преку спонтан гест, слободна асоцијација и интуитивно создавање.

Емоцијата, енергијата и движењето се во средиштето на овој пристап. Дел од облеката е насликана од гостински уметници, со што соработката меѓу модата и сликарството станува составен дел од самите парчиња.

Покрај Михајловска, во „Living Canvas“ учествуваат Микица Трујкановиќ, Љубица Мешкова Солак, Лазе Трипков, Катерина Таневска, Нина Симовска, Марија Чепишева и Гоце Наневски, како и младиот уметник Михаил Костик.

Фото: Моден викенд Скопје