Што се случува кога модата престанува да биде само облека и станува уметнички објект ?
Одговорот на прашањето од насловот, го добивме синоќа, на отварањето на 33. Моден викенд Скопје во МСУ. Оваа сезона, FWSK ја поместува границата меѓу модната писта и галерискиот простор. Облеката ја согледуваме не само како предмет што се носи, туку и како артефакт, скулптура и жива инсталација – создадена за телото, движењето и просторот.

Ова издание ја истакнува модата како современа креативна сила која ги поврзува естетиката, иновацијата, претприемништвото и заедницата. Модата се надминува себеси – станува дел од поширок културен и општествен дијалог.

Облеката како скулптура, текстилот како сеќавање, дизајнот како чин на грижа. Со три модни ревии и изложбена програма што ги поврза модата и современата уметност, синоќа во Музејот на современата уметност во Скопје започна 33. сезона на Fashion Weekend Skopje .

По ревиите, во 21.30 часот во Галерија бр. 4 беше отворена изложбата, со претставување на поставките и приказните зад нивното создавање. Домашни и меѓународни автори ја проширија средбата меѓу модата и уметноста кон прашањата за културното наследство, идентитетот, телото и одговорноста кон заедницата.

Росица Мршиќ ја претстави „Vivid Echoes“, инспирирана од сликарството на Хелен Франкенталер. Интензивните бои, црната, контрастните текстури и слоевитите волумени создаваат композиции со сликарска длабочина. Нејзиниот пристап кон прецизната конструкција ја приближува облеката до скулптурата, задржувајќи ја носливоста. Изработката во мали занаетчиски серии, исклучиво по нарачка, ги истакнува индивидуалноста, долготрајноста и одговорното производство.

Ирина Тошева го поврза циркуларниот дизајн со грижата за животните преку линија облека за миленици, создадена од текстилни остатоци од производство на специјализирана облека. Двата модела јакнички во четири големини произлегуваат од реална потреба, со внимание кон удобноста, топлината и функционалноста. Заштитни лица се кучиња од ЈП „Лајка“, а изложбените кучешки фигури ги изработија жените од работилницата Made in Idrizovo во КПУ Идризово. Во овој проект, Тошева го користи дизајнот за да поврзе одговорно користење на ресурсите, човечка вештина и поголема видливост за животните што бараат дом.

Во „Ракоеделие“, Емилија Славкова го истражи македонскиот вез како извор на современ авторски израз. Инспириран од „Везилка“ на Блаже Конески, проектот обединува пет текстилни дела, „Потекло“, „Фрагмент“, „Повторување“, „Сеќавање“ и „Трансформација“, преку рачна работа, фотографија и дигитална обработка. Славкова му пристапува на наследството како на живо знаење што се учи и преобразува, а „Трансформација“ доби и нова модна форма реализирана од Елена Коштанов. Модниот дизајн и стајлингот се на Славкова, фотографскиот концепт и фотографиите на Павлина Брдарска, со асистенција на Благица Андовска и моделот Христина Костова.

Изабела Соколовска, со „Between Shadows“, ги пренесе мотивите од народните носии од Скопска Црна Гора во везена мрежа, чанти и ремени. Нејзиниот пристап ја поставува рачната изработка како врска меѓу културното сеќавање и современиот дизајн. Наследените мотиви добиваат нови форми, отворајќи го прашањето што зачувуваме, што преобразуваме и што избираме да понесеме со себе.
Крсто Глигорјадис ја претстави „Со сите наши чворови“, текстилна инсталација во форма на ’рбет, изработена со рачно шиење и полнење. Мекоста на материјалот и црвените чворови го преобразуваат симболот на цврстината и потпората во дело за искуствата што ги носиме и трагите што ги наследуваме. Поставена на подот, скулптурата го повикува посетителот да се наведне и да ѝ се приближи, претворајќи го гледањето во лична, телесна средба. Глигорјадис е интердисциплинарен визуелен уметник и перформер, добитник на наградата ДЕНЕС за 2025 година, во чии рамки во 2026 година реализираше резиденцијален престој во Residency Unlimited во Њујорк. Кураторка на поставката е Наде Циева.
Проектот „Green and Sustainable Fashion: The Nordic-Baltic Story“ донесе три меѓународни авторски пристапи.
Anna Ringstad, преку модниот перформанс „Maintenance Melancholia“, ги истражи женственоста, вкусот и идеалите за убавина во дигиталната култура. Нејзиното норвешко-руско потекло и претходниот резиденцијален престој во Македонија се дел од културните референци што се среќаваат во колекцијата. Во нејзината практика, модата е истовремено производ и коментар за начинот на кој се обликуваат желбите и претставите за себе.
Литванската авторка Justina Semčenkaitė преку видеоинсталација го отвори својот творечки процес, поврзувајќи ги модата, уметноста, активизмот и феминизмот. Нејзиниот скицник станува простор за бележење и испробување идеи, за размислување за светот што ја опкружува и за потрага по поодржливи начини на создавање.
Шведската авторка Tuva Samuelsson го претстави „FROSTBITEN“, со три скулптурални облеки создадени претежно од стара облека и отфрлен текстил. Преку боење, слоевитост и реконструкција, таа ги претвора постојните материјали во форми што го следат преминот од емоционална замрзнатост до бунт против рамнодушноста. Завршното дело „The Rebel“ ја повика публиката да остави пораки на облеката и да стане дел од нејзината преобразба, поставувајќи ја грижата како чин на отпор.
Изложбата „5+5 / art + fashion“, претставена од Националната галерија на Бугарија и фондацијата „Иван Асен 22“, обедини пет тандеми на уметници и модни дизајнери. Учествуваа Камен Старчев и Георги Флоров, Светлана Мирчева и Диляна Иванова, Георги Георгиев-jorrras и Маја Каранешева, Ангелика Радева и Нели Митева, како и Sashettu (Александра Георгиева) и Александар Гергинов.
Проектот поврзува истакнати имиња од бугарската уметничка и модна сцена, претставници на различни генерации и творечки насоки, во рамноправна авторска соработка. Преку рециклирани материјали, неткаен текстил, дигитален печат и рачни техники, нивните дела ја истражуваат облеката како нослив уметнички артефакт и простор за идеи за идентитетот, урбаната култура и телото во движење.
Кураторки се д-р Надежда Џакова и Нели Митева, а сценографијата и просторната поставка се на Момчил Тасев. Претставувањето е поддржано од Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје.
Првата вечер синоќа на FWSK33 ја отвори одржливоста како прашање и на материјали и на вредности. Зачувувањето на занаетчиското знаење, односот кон телото и грижата за заедницата ги поврзаа различните авторски приказни. Оваа насока ја продолжува и денес, од 11 часот со „Wear the Change: Fashion Auction with a Cause“, иницијатива на Никола Булевски, Македонското Модно Здружение и КОНЕКТ, вклучена во пошироката програма на сезоната.