Модата има што да каже и надвор од пистата: Од аукција до меѓународни уметнички претставувања во МСУ (фото)
Во Музејот на современата уметност во Скопје, вториот ден на Fashion Weekend Skopje ги поврза дизајнот, уметноста и одговорноста кон иднината.

Што останува зад една колекција кога ќе заврши ревијата? Авторска идеја, знаење, материјал што може да добие нов живот, соработка што допрва ќе се развива. Вториот ден на 33. Fashion Weekend Skopje го насочи вниманието токму кон тие прашања. Од модна аукција со кауза до меѓународни уметнички претставувања, разговори за одржливоста, книжевна промоција и вечерни ревии, програмата покажа колку различни приказни може да раскаже модата кога ќе ѝ се даде простор.

Во Галерија бр. 4 на музејот, дизајнерите, уметниците, кураторите и истражувачите отворија разговор за тоа како создаваме, што вреднуваме и каква одговорност носат нашите избори. На пистата, тие прашања добија и лична димензија, преку колекции инспирирани од семејното наследство, емоциите, природата, сликарството и секојдневните предмети.

Денот започна со мода што поддржува кауза
Програмата ја отвори „Wear the Change: Fashion Auction with a Cause“, модна аукција која ги поврзува авторскиот дизајн и филантропијата.

Иницијативата на Никола Булески, Македонското модно здружение и граѓанската организација КОНЕКТ ја поставува модата во непосредна врска со солидарноста и со можноста креативноста да придонесе за заедницата, под покровителство на Амбасадата на Франција и со поддршка од Фондацијата „д-р Верица Механџиска“.

Четири авторски пристапи во нордиската и балтичката приказна
Меѓународната програма „GREEN AND SUSTAINABLE FASHION: THE NORDIC-BALTIC STORY“ го обедини модниот дизајн со видеото, перформансот и изложбениот простор, отворајќи нови перспективи за одржливата мода и нејзиниот дијалог со современата уметност. Проектот е финансиран од Нордискиот совет на министри.

Видеоинсталацијата на Јустина Семченкаите од Литванија беше прикажувана континуирано во текот на настанот. Силе Дамгор од Данска ја претстави својата дипломска колекција „DETACHED“ преку модна ревија, додека Ана Рингстад од Норвешка го претстави „Maintenance Melancholia“ во формат на перформанс и изложба. Со перформанс и изложбено претставување учествуваше и Тува Самуелсон од Шведска.
Различните формати го продолжија разговорот за облеката како носител на идеи, за телото како дел од уметничкото дело и за одржливоста како прашање што влијае врз самиот процес на создавање.

Во рамките на програмата се одржа и јавниот разговор „Fashion, Contemporary Art and Sustainability“, модериран од проф. д-р Гордана Вренцоска, со учество на Силе Дамгор, Ана Рингстад и Тува Самуелсон. Дискусијата ги разгледа врските меѓу модата и современата уметност, начините на кои одржливоста се толкува и изразува преку современите модни практики и нивното значење за општеството и модната индустрија.
Поздравно обраќање имаше амбасадорот на Шведска, Ола Солстром. Зборувајќи за модата, уметноста и креативноста, како и за проектот „Зелена и одржлива мода – нордиско-балтичка приказна“, тој истакна
„Модата, уметноста и културата се моќни двигатели на одржливоста, иновациите и економскиот развој. Кога инвестираме во креативните индустрии, не инвестираме само во културата, туку и во идниот раст и конкурентност. Преку оваа нордиско-балтичко-македонска соработка ги поврзавме креативните таленти преку границите, поттикнавме нови партнерства, споделивме знаење и инвестиравме во следната генерација. Трајната вредност на овој проект не се огледа само во она што беше создадено, туку и во односите, инспирацијата и соработката што ги остава зад себе.“

Невидливите траги на текстилот
Прашањето за одговорноста на модната индустрија доби конкретен фокус во разговорот „Invisible Threads: How Microplastics Impact Our Water & How Design Can Fix It“.
Јасна Димовска, асистентка за односи со јавноста и проекти во Текстилното трговско здружение, Текстилен кластер, и проф. д-р Сања Ристески од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип разговараа за влијанието на текстилот врз животната средина, микропластиката во водите и можностите што ги отвораат одржливите иновации во дизајнот.

Во овој програмски блок беше претставен и модниот перформанс „SCI-WASTE: FUTURE-FORM“ на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, поврзувајќи ги истражувањето, образованието и модното изразување.

Гласовите зад современиот бугарски дизајн
Попладневната програма продолжи со промоција на „The Voices of Fashion – An Anthology of Contemporary Bulgarian Fashion Design“, претставена од кураторката за моден дизајн Нели Митева.
Создадена врз основа на обемно истражување и интервјуа со триесет активни претставници на бугарската модна сцена, антологијата ги документира нивните авторски патишта, влијанија, дизајнерски убедувања и искуства во градењето сопствени брендови.
Книгата отвора поглед и зад готовите колекции, кон образованието, условите за работа и предизвиците на малиот пазар. Во нејзиното средиште е идејата за промислен и препознатлив дизајн кој ги осовременува сопствените корени и традиции, создавајќи простор за оригинален авторски израз.
По промоцијата следуваше јавно предавање на д-р Надежда Џакова, кураторка за визуелни уметности, како дел од програмата посветена на средбите меѓу модата и современата уметност.

