Филипче бара оставка од Славески и истрага од Обвинителството за влезот на Алта банка
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, побара оставка од гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и повика Основното јавно обвинителство да поведе истрага за одговорноста при одобрувањето на влезот на Алта банка во Македонија, откако на оваа банка ѝ беше одземена лиценцата за работа во Србија.
Филипче посочи дека СДСМ уште лани во декември предупредуваше за сомнителното работење на Алта банка во Србија и го постави прашањето зошто ѝ бил дозволен влез во македонскиот банкарски систем.
„Се поставува клучното прашање дали Христијан Мицкоски и Трајко Славески добро го процениле ризикот каква банка влегува во нашата земја или, сепак, многу добро знаеле за што станува збор и се дел од оваа мрежа мафијашка во Србија”, истакна Филипче.
Тој посочи дека Алта банка, според информации објавени во медиумите и сознанија на СДСМ, е поврзувана со сомнителни финансиски средства, криминал и корупција, вклучително и пари за кои постојат сомнежи дека потекнуваат од трансфер и шверц на дрога.
Дополнително, само неколку часа откако Народната банка на Србија соопшти дека сè е во ред, на Алта банка ѝ беше одземена лиценцата за работа.
Филипче предупреди дека ваквата ситуација отвора сериозни прашања за безбедноста на финансискиот систем во Македонија, особено за депозитите на граѓаните и јавните претпријатија.
„Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на нашите граѓани. Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на јавните претпријатија. Се поставува прашањето дали сега некој во Народна банка или во Владата ќе направи нешто да го спречи оваа стампедо коешто веќе се случува пред експозитурите на Алта банка во неколку градови во нашата земја”, рече Филипче.
Филипче побара гувернерот Славески јавно да одговори дали граѓаните имаат причина за загриженост, но и да ја преземе одговорноста за одлуката со која ѝ бил овозможен влез на Алта банка во земјава.
„Апелираме гувернерот јасно и гласно да излезе и да каже дали има простор за грижа на граѓаните, а гувернерот исто така треба да се соочи не само со својата морална одговорност и да си поднесе оставка, туку да се соочи и со кривична одговорност, за што го повикуваме Основното јавно обвинителство да поведе истрага”, порача Филипче.