Владиката Агатангел прогнозира дека ВМРО-ДПМНЕ ќе владеe колку Тито
Митрополитот повардарски Агатангел во интервју за телевизија Алфа изрази отворена поддршка за премиерот Христијан Мицкоски и актуелната влада, прогнозирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на власт колку што владееше Јосип Броз Тито. Во истото интервју упати и обвинувања кон новинари дека ја напаѓаат Македонската православна црква – Охридска архиепископија поради финансиски интереси, без да ги именува.
„Македонија сега е во сигурни раце. Имам целосна доверба во актуелната влада, која на секое поле работи за консолидација на државата, штитејќи ги националните интереси“, изјави Агатангел во емисијата „За македонските работи“ со Љупчо Цветановски.
Говорејќи за политичката иднина на ВМРО-ДПМНЕ, митрополитот направи споредба со долгогодишното владеење на Јосип Броз Тито.
„Јас им реков: колку владееше претседателот на Југославија, толку ќе владее и ВМРО сега. Немате шанси повеќе да дојдете на власт. И дај боже да остане така“, изјави Агатангел.
Тој нагласи дека има доверба не само во премиерот Мицкоски, туку и во министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и вицепремиерот Александар Николоски.
Во вториот дел од интервјуто, митрополитот упати остри критики кон професорот Љубомир Фрчкоски и кон дел од новинарите, обвинувајќи ги дека ја понижуваат Македонија и ја напаѓаат МПЦ-ОА.
Агатангел зборуваше за наводни напади врз Црквата и ширење информации за неединство во нејзините редови. За новинарите што ги критикуваше рече дека постојано ја напаѓаат и понижуваат Црквата, а со тоа и самите себе. На прашањето зошто, според него, го прават тоа, митрополитот одговори дека причината е финансиски интерес. За ваквите обвинувања не изнесе конкретни докази, ниту ги именуваше новинарите на кои се однесуваат неговите тврдења.
По интервјуто, порталот „Религија“ побара од митрополитот јавно да ги соопшти имињата на новинарите за кои тврди дека ја напаѓаат МПЦ-ОА од финансиски интерес. Порталот истовремено ги повика Здружението на новинарите на Македонија, Синдикатот и другите новинарски организации да го разгледаат интервјуто и соодветно да реагираат на изјавите на Агатангел.
Настапот на митрополитот отвора две одделни прашања: јавното политичко позиционирање на висок црковен великодостојник во корист на владејачка партија и одговорноста за обвинувања упатени кон новинари без наведување конкретни имиња и докази. И уште поважно – дали државата и црквата се одвоени.