„Сакам книги“ ќе донира 300 книги на украински јазик во библиотеки во земјава
Издавачката куќа „Сакам книги“ обезбеди 500 книги на украински јазик, од кои 300 ќе бидат донирани на библиотеки во Скопје, Делчево, Кавадарци и Штип, како и на Здружението на Украинци во Македонија „Лесја Украинка“, a 200 ќе бидат достапни во книжарниците во Скопје.
Иницијативата е во рамки на проектот „Со љубов, од Европа“, финансиран преку програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, и ќе биде претставена на дискусија на 2 ноември во Европска куќа (Europe House).
Целта на иницијативата е да ја направи украинската литература подостапна за украинските граѓани што живеат во Македонија и да придонесе кон зачувувањето на нивниот јазик, култура и книжевно наследство.
-Особено значење има за украинските деца и семејства кои поради војната биле принудени да го напуштат својот дом. За нив, можноста да прочитаат книга на мајчиниот јазик не е само пристап до литература, туку и начин да ја зачуваат врската со својата земја, со спомените и со културата на која ѝ припаѓаат. Веруваме дека книгите имаат моќ да поврзуваат луѓе, особено тогаш кога околностите ги разделуваат. Со оваа донација сакаме да покажеме дека солидарноста може да биде многу конкретна, понекогаш во форма на книга на мајчиниот јазик. Нашата желба е украинските семејства што живеат во Македонија да имаат пристап до својата литература, а библиотеките да бидат места каде што секој читател ќе се чувствува добредојден, соопшти „Сакам книги“.
Оваа издавачка куќа ќе организира и дискусија на 2 ноември од 17 часот во Европска куќа (Europe House) насловена „Може ли книгата да го промени светот? – Украинската литература како мост меѓу луѓето и културите“.
На дискусијата е најавено учество на Иван Примаченко, украински конзул во Македонија, Александар Орбанович, претседател на Здружението на Украинци во Македонија „Лесја Украинка“, и Вера Чорниј-Мешкова, преведувачка од украински на македонски јазик.
-Разговорот ќе отвори прашања за значењето на литературата во зачувувањето на националниот и културниот идентитет, за мајчиниот јазик како врска со домот, но и за слободата што книгите може да ја понудат во време на неизвесност и големи животни промени, соопшти издавачката куќа „Сакам книги“.