Единствената финска новинска агенција ја прекинува информативната дејност по 139 години работа


Единствената финска новинска агенција, Финското телеграфско биро – Лехтикува (СТТ), една од најстарите информативни агенции во светот, денеска соопшти дека по неколку години финансиски тешкотии трајно ќе ги прекине информативните и фотографските услуги на 31 март 2027 година.

Преструктурирањето опфаќа 95 работни места, од кои се очекува да бидат укинати 89, вклучително и 68 новинарски позиции, а со ова Финска ќе стане една од само неколку западни земји без сопствена новинска агенција.

По преговорите за планот за преструктурирање, Управниот одбор на агенцијата потврди дека е донесена одлуката за прекин на информативните и фотографските активности. Исто така, ќе бидат раскинати и 30 договори на определено време или рамковни договори.

– Следната недела ќе се навршат точно 139 години откако СТТ почнала да работи во својот првичен облик. Сметам дека прекинувањето на нашите информативни и фотографски услуги е трагедија за финското општество во целина – изјави извршниот директор Кимо Лаксонен.

Со оглед на ваквиот развој на настаните, финската јавна телевизија „Јуле“ објави дека земјата останува без сопствена новинска агенција, додека претседателката на Финскиот синдикат на новинари, Марјана Вармавуори, ја оцени одлуката како „погубна“.

„Нејзината улога во создавањето и ширењето доверливи информации во Финска е незаменлива. Длабоко сум шокирана што владата и медиумските компании имаат намера да дозволат нашата национална агенција да пропадне“, изјави Вармавуори во соопштение.

Сепак, СТТ ќе продолжи да дистрибуира корпоративни соопштенија за медиумите – услуга за која се ангажирани седум лица. Агенцијата соопшти и дека ги разгледува можностите за комерцијално користење на својата архива, за што во моментов се развива соодветна технологија.