Телевизискиот тајкун на Вучиќ, газдата на Пинк, најави дека ќе отпушти илјада луѓе


Жељко Митровиќ

 

Жељко Митровиќ, сопственикот на „Пинк медиа групацијата“, најави дека ќе отпушти околу илјада вработени во своите компании. Оваа одлука доаѓа по губењето на работните места за 150 луѓе во театарот „Одеон“ – вест што Митровиќ ја сподели на социјалните мрежи, пренесува „Нова.рс“.

„Еден од најтешките денови во мојот живот, исполнет со емоции, љубов, топлина и разбирање. Ги распуштив сите ансамбли во театарот ’Одеон‘; 150 луѓе останаа без работа. Во целиот мој систем – поточно во десетина компании кои сè уште немаат постигнато стабилна финансиска основа – ќе морам да отпуштам околу илјада луѓе. Се гледаме во подобри времиња, драги пријатели! Со љубов, вашиот Жекс“, напиша Митровиќ.

Театарот „Одеон“ беше отворен во септември 2024 година во центарот на Белград, сместен во поранешно кино кое Митровиќ претходно го купи. Митровиќ го најави распуштањето на театарот и отпуштањата во Пинк кон крајот на 2025 година – нешто повеќе од една година по отворањето на објектот.

Жељко Митровиќ е еден од најистакнатите медиумски претприемачи во Србија и сопственик на телевизијата Пинк, која емитува програма од 1994 година. Неговата деловна кариера доживеа подем во текот на 1990-те, во ерата на Слободан Милошевиќ; тој исто така беше член на Југословенска левица (ЈУЛ), партија предводена од сопругата на Милошевиќ, Мирјана Марковиќ. Тој беше пратеник на таа партија во сојузниот парламент. Митровиќ е познат по своите блиски односи со политичките власти во Србија, особено со Александар Вучиќ. Неговата телевизија Пинк со години им дава силна медиумска поддршка на Вучиќ и на неговата Српска напредна странка. Организациите што ги следат медиумите предупредуваа на крајно наклонето известување во корист на власта, како и на напади врз опозициските политичари и критичарите на власта. „Пинк“ ѝ отстапи 18 часа програма на листата на Вучиќ, а на сите останати – пет

Блискоста меѓу Митровиќ и Вучиќ дојде до израз во 2023 година. По масовните убиства во Србија и големите протести против насилството, Митровиќ најави укинување на контроверзното реално-шоу „Задруга“, притоа експлицитно наведувајќи дека тоа го прави по препорака на претседателот на Србија.

„Сметам дека единството на Србија и проценката на претседателот на Републиката се поважни од кој било интерес на Пинк или од мојот личен интерес!“, изјави тогаш Митровиќ.

Со години, Пинк е цел на критики поради реално-шоуата како „Задруга“, кои се познати по конфликти, насилство и несоодветно однесување на учесниците. За време на протестите „Србија против насилството“ во 2023 година, едно од барањата на демонстрантите беше одземање на националната фреквенција на „Пинк“.

Иако Митровиќ тогаш ја укина „Задруга“, телевизијата набргу започна со емитување сличен реално-шоу формат насловен „Елита“.