Албанската опозиција ја прекина парламентарната седница по неколку недели улични протести


Пратениците на опозицијата во Албанија ја прекинаа денешната парламентарна седница палејќи димни бомби по неколкунеделните насилни антивладини протести свикани од студентите, кои бараат оставка од премиерот Еди Рама.

Членовите на опозициската Демократска партија на Албанија исто така го блокираа пристапот до подиумот додека се гласаше за законот за централната банка.

– Овие (пратениците од владејачката партија) се криминалци и заслужуваат солзавец, гумени куршуми, пукнати черепи и скршени коски, а не младите луѓе – изјави лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, во својот говор пред да му биде исклучен микрофонот.

Други членови на опозицијата го опколија за време на неговиот говор, држејќи слики од демонстранти повредени од гумени куршуми. Некои запалија сини димни бомби во бојата на Демократската партија.

Демонстрациите предводени од студентите, поттикнати од перцепцијата за владина корупција, недостигот на работни места и лошите образовни стандарди, ја зафатија Тирана од средината на октомври и се проширија и во други градови.

Демонстрантите, кои бараат оставка од Рама, предизвикаа пожари во владини згради и банки, ги искршија излозите на продавниците и вадеа бетонски плочи за да ги фрлаат кон полицајците.

Немирите, кои следуваа по неколкумесечни главно мирни протести во текот на летото против проектот за изградба на луксузен ресорт поддржан од Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, се претворија во најголемиот предизвик досега за Рама, кој управува од 2013 година и минатата година освои четврти мандат.

Во неделата Рама воведе нови мерки во обид да му стави крај на насилството, вклучително и казни од 500.000 лека (6.200 долари) за секој кој учествува во протест што прераснал во насилство, дури и ако лично не извршил акти на насилство.

Оваа недела протестите беа главно мирни, а за сабота се закажани нови демонстрации. Рама уште еднаш ги повика студентите на дијалог и воведе нови економски мерки.