Една поинаква Турција: Егејот сервиран со историја, маслинови градини и тивките заливи (репортажа)


Постојат патувања што се мерат во километри, посетени знаменитости и фотографии од плажа. А постојат и такви што се паметат по мирисот на свежо маслиново масло, по камените куќи што ја чуваат меморијата на минатите векови и по погледот кон морето од античките ѕидини. Северниот Егеј на Турција припаѓа на втората категорија.

На потегот што ги поврзува Чанаккале, Баликесир и Едремит, минатото не е затворено само во музејските витрини. Тоа се открива во археолошките локалитети, во традиционалните села и во кујната што со генерации го претвора локалното производство во гастрономско наследство.

Ова е Турција без потреба од брзање, која се открива низ слоеви, нешто што не се гледа на прв поглед – локални производители, скриени вински патишта, бутик-села и одржливи туристички приказни.  Турција во која денот може да започне со прошетка низ антички град, да продолжи со дегустација на маслиново масло, а да заврши во некој спа центар заради изобилството на термалните извори или покрај море додека сонцето полека исчезнува зад хоризонтот.

Ваква (уникатна) прилика „спакувана“ во шест дена, со престој во два луксузни хотели „Алиа термал“ и „Калисто“, имаа девет новинари од Македонија, Србија, Бугарија и Романија на покана и во организација на Министерството за туризам и култура на Турција и Агенцијата за промоција и развој на туризмот во Турција (TGA). Домаќини и водичи ни беа шармантните и професионални Хазал Ајдоган и Џансу Дурмаз, а постојано околу нас беа љубопитни мачки.

„Егејот од другата страна на разгледницата“: Бегство од масовен туризам

Во антиката, северниот егејски брег на Турција бил познат како Еолија – местото каде што се одвивала Тројанската војна. Фригијците биле првите што се населиле овде во 13 век п.н.е., а по нив дошле грчки колонисти, кои изградиле крајбрежни градови и зад себе оставиле богатство од антички и хеленистички урнатини. И покрај длабоките историски корени, овој регион привлекува многу помалку посетители отколку туристичките дестинации на југ. Иако овде има одлични песочни плажи, пониските температури на морето и отсуството на голем аеродром го спречиле развојот на масовниот туризам. Што некогаш, има предност.

 Чанакале : Таму каде што историјата добива глас

Патувањето низ северниот Егеј природно започнува во Чанаккале, градот на влезот на Дарданелите, на географска и историска раскрсница меѓу Европа и Азија. Овде морето не е само пејсаж, туку и сведок на трговски патишта, воени судири и цивилизации што оставиле длабока трага во историјата на регионот.

Овој град е одлична база за посета на урнатините на Троја, како и на боиштата од Првата светска војна на полуостровот Галиполе (Гелиболу). Градот има и раздвижен крајбрежен потег, каде што е сместена реплика на Тројанскиот коњ, користена во филмот „Троја“ од 2004 година.

Од историската длабочина на Троја, рутата не водеше кон Асос , антички град сместен над Егејското Море. Камените ѕидини, остатоците од храмот на Атина и погледот кон заливот создаваат сцена во која археологијата и природата се надополнуваат. Асос е поврзан и со Аристотел, кој престојувал тука во античкиот период. Особената привлечност на ова место е во неговата атмосфера: нема потреба од спектакл кога историјата, морето и архитектурата природно создаваат единствено доживување.

Од Храмот на Атена, кој датира од III век п.н. , пред кој најмногу туристите се фотографираат и прават селфи, се зачувани само делови од скалестите темели, додека влезната порта – на која стои посветата: „Кралот Еумен – на Атена, носителката на победите“ – е реконструирана во Берлин. Во северниот трем (стоа) на храмот, од кој денес се зачувани само траги, некогаш се наоѓала прочуената Пергамонска библиотека, која во времето на својот најголем подем ѝ парирала на Александриската библиотека.

Тесни скали водат надолу од Храмот на Атена кон спектакуларниот хеленистички театар, врежан во падината на ридот, со капацитет од десет илјади гледачи. Дрвената сцена се отстранувала по секоја претстава – дупките во кои биле всадени носечките столбови сè уште можат да се видат на терасата на сцената – за да се овозможи слободен пристап до Храмот на Дионис, кој се наоѓа на истата тераса.

Адатапе: Приказната за маслинката започнува во градината

Ако Троја е симболот на на античката историја, маслинката е еден од најпрепознатливите симболи на секојдневниот живот во северниот Егеј. Во близина на Асос, селото Адетепе ги пречекува посетителите со камени куќи, тесни улички и архитектура што го чува традиционалниот карактер на регионот. Сместено во подножјето  на планинаната Каздаглари, позната и како планината Ида, селото е идеална точка за запознавање со културата на маслинката. Тука маслиновото масло не е само производ што се купува и се носи дома. Тоа е дел од локалната историја, гастрономијата и ритамот на животот.

Музејот на маслиновото масло во Адетапе ја раскажува приказната  за традиционалните начини на преработка и за развојот на производството што со генерации ги поврзува земјата, работата и трпезата. Вистинското доживување започнува кога производството ќе се поврзе  со вкусот. Локалното маслиново масло се дегустира со леб, сезонски зеленчук, билки и едноставни јадења во кои квалитетот на состојките има главна улога.

Едремит – меѓу планината Ида и синилото на Егејот

Во продолжението кон Едремит, сместен меѓу маслинови насади во подножјето на планината Ида (Каздаг), пејсажот добива поинаква димензија. Морскиот хоризонт е надополнет со планински падини, густи шуми и долини во кои природата има главна улога. Во грчката митологија, Ида зазема значајно место, а нејзиното име е поврзано и со прикaзните за Тројанската војна. Денес, планинскиот предел привлекува посетители заинтересирани за пешачење и селски туризам.Во националниот парк Каздагалри, се среќаваат шуми, водотеци, кањони и разновиден растителен свет. Едремит е исто така познат и по термалниот туризам.

Баликесир и Ајвалик: кога Егејот се сервира на чинија

Патувањето продолжува кон Баликесир, регион чии брегови излегуваат и на Егејското и на Мраморното море. Баликесир отсекогаш бил историски центар за здравствен туризам. Планината Ида, позната и како Каздаглари (Kazdağları), се наоѓа во северозападниот дел на Баликесир и нуди низа можности за велнес активности во природа.

Посетителите можат да пешачат низ шумите, да пливаат во природните термални извори и да уживаат во прекрасните глетки кон околниот пејзаж. На планината Ида се наоѓаат и многу здравствени центри. Во овој регион има кампови за јога, еколошки села, како и центри за производство на лековити и ароматични растенија, сите обединети под концептот за „добро чувство“. Исто така, постојат центри за традиционална и комплементарна медицина каде што можете да добиете третмани како озонска терапија, акупунктура, фитотерапија, терапија со пијавици и терапија со кал.

Во овој дел од патувањето, Ајвалик има посебно место. Благодарение на својот шармантен стар дел со живописни грчки куќи, Ајвалик – кој се наоѓа на 56 км јужно од Едремит и на 160 км северно од Измир, спроти грчкиот остров Лезбос – одамна е популарна дестинација и за турските и за европските посетители. Најблиските убави плажи се наоѓаат во популарното летувалиште Саримсакли, додека на островот Џунда има пооддалечени и покарпести плажи; до двете локации лесно се стигнува од градот. Ајвалик е исто така погодно место за еднодневни излети до антички Пергамон, како и до грчкиот остров Лезбос, со кој е поврзан со редовна траектна линија.

Поради одличните услови за закотвување бродови, оваа област била населена уште од античко време. Сепак, денешниот Ајвалик настанал како отоманско-грчка населба наречена Кидонијес (Kydoníes) во почетокот на XVIII век. И турското и грчкото име на градот се поврзани со локалните насади од дуњи, кои денес повеќе не постојат. За разлика од одморалиштата на југ, каде што доминира туризмот, во Ајвалик (Ayvalık) речиси и да нема здодевни улични продавачи. Градот ја задржал својата рибарска флота и трговијата поврзана со маслинките (вклучувајќи масло и зелен сапун), а во него се наоѓаат и престижна академија за класична музика.

Кучукќој: Мало село со бутик-душа

Постои место на нашата рута во северниот Егеј каде што патувањето добива поинаков ритам. Не поради луксузните ресорти или долги песочни плажи , туку поради камени куќи, тесни калдрмисани улички, мали уметнички ателјеа, и чувство дека зад секоја стара и уметничка врата или излог се крие нова приказна. Тоа е Кучукќој, во близина на Ајвалик, село што денес се издвојува како една од најкреативните културни точки на турскиот Егеј, порано познат како Јеничарохори, и носи траги од повеќеслојна историја.

Во неговата архитектура се препознава наследството на адолските Турци, додека доселувањето на Бошњаци од Балканот кон крајот на 19. и почетокот на 20-от век придонело за создавање на специфичен локален идентитет. Она што го прави интересен и посебен за задолжителна посета е  е начинот на кој неговото архитектонско наследство добива нов живот.

Старите камени градби, внимателно обновени, станале дом на уметнички галерии, дизајнерски студија, мали приодавници и работилници. Така станал препознатлив како „уметничко село“. Неговата бутик-димензија не е само во сместувањето, туку и во целокупното доживување. Амбиент во кој луксузот се мери со атмосферата и автентичноста на просторот. Да седнете да испиете турско кафе со скапоцен камен од сувенирниците, па да завршите со традиционална бошњачка пита.

 Островот Џунда раскажува импресивна (ѓаволска) приказна

Од другата страна на заливот спроти Ајвалик се наоѓа островот Џунда кој најмногу ни остави впечаток , а прочуен по своите величествени зајдисонца, морската храна и живите таверни. Островот, познат како Џунда во отоманскиот период, а денес официјално наречен Алибеј Адаси (Alibey Adası) – до кој може да се стигне и преку мост – претставува одлична дестинација за еднодневен излет или за ноќевање.

Тој е малку потивок  од стариот град Ајвалик; се одликува со живописно главно пристаниште и калдрмисани улички опкружени со реставрирани камени куќи – остатоци од животот пред 1923 година, кога за грчкото православно население островот бил познат како Мосхониси (Moskhonísi).

Откако христијаните биле преселени во Грција, островот бил населен со муслимани од Крит од околината на Ханија, па така повеќето постари жители сосема природно зборуваат критски грчки јазик. Џунда (Cunda) стана популарна меѓу имотните жители на Истанбул кои сакаат да поседуваат прибежиште на Егејското Море.

Музејот на артефакти на семејството Коч на островот Џунда

На половина пат по падината, гледано од крајбрежјето, се наоѓа православната катедрала „Таксијархис“ (Taksiyarhis). Таа претрпела сериозни оштетувања во земјотресот од 1944 година, а денес е во тек нејзина реставрација.

На самиот врв на ридот, Фондацијата „Коч“ (Koç Foundation), на едно од најбогатите семејства во Турција, претворила една капела во библиотека и ветерницата до неа во пријатно кафуле, од кое се пружа прекрасен поглед.

Меѓу активностите на островот Џунда се посетата на Ридот на љубовниците (Lovers’ Hill), од каде што се пружа неверојатен поглед, посетата на црквата Панагија, како и посетата на библиотеката „Севим и Неџдет Кент“. „Шејтан Софраси“ (Şeytan Sofrası – Ѓаволска трпеза), наречена така бидејќи се наоѓа на рид во форма на маса, формиран од лава, нуди панорамски поглед на 22-та острова во заливот Ајвалик. Се верува дека отпечатокот од стапало, кој е ограден со железни шипки, му припаѓа на самиот ѓавол.