Бланар: Ние сме против двојните стандарди во пристапувањето кон ЕУ
Министерот за надворешни и европски работи на Словачката Република, Јурај Бланар, денеска ја реафирмираше силната поддршка на Словачка за нашиот европски пат, нагласувајќи дека Европската Унија мора да продолжи со процесот на проширување и да испрати јасен сигнал до земјите од Западен Балкан дека членството претставува реална перспектива. Според него, Словачка е против какви било двојни стандарди во пристапувањето кон ЕУ и не може да прифати да има различни критериуми за различни држави, споменувајќи ги Украина, Молдавија и Грузија.
„Треба да дадеме јасен сигнал на регионот дека членството во Европската Унија е реално, во спротивно, фрустрацијата на земјите кандидати ќе расте и поради тоа е можно да го изгубиме овој регион. Ние не можеме да прифатиме дека во европската интеграција, која е поставена на ЕУ стандарди има различни критериуми за различни држави. Северна Македонија може да смета на големата поддршка на Словачка во евроинтеграцијата. Ова е наша улога којашто ја потврдивме уште на Самитот во Солун во 2004 година, но денес може да кажеме дека не се исполнува тоа што беше договорено на тој самит“, рече Бланар.
Тој ја поддржа и предложената реформа околу консензусот од страна на Европската комисија оценувајќи дека треба да се гласа на тој начин само еднаш во процесот, а не повеќепати како сега, и дека на овој начин само се нарушува процесот и трае многу долго. Бланар сметаше и дека билатералните прашања треба да се решаваат на заедничка маса во Брисел бидејќи сега се проблем за многу земји кандидати.
Тој ја посочи нашата земја како успешен пример во имплементацијата на Планот за раст и рече дека нашата влада е многу посветена за реформите во евроинтегративниот процес, дека е мотивирана и стабилна, за да го доведе до крај овој процес.
„Имаме одлични политички односи, како и заеднички став за многу геополитички теми. Словачка и Северна Македонија се мали земји и за нас е многу важно да ја одржуваме стабилноста и безбедноста и почитувањето на меѓународното право. Сведоци сме дека прекршувањето на меѓународното право не е во наш интерес“, посочи Бланар.
Тој истакна дека му е чест што е во посета на Македонија како прв министер за европски прашаеа од 2014 година, во држава која, како што рече, ни е блиска со традициите кои се уште од време на Кирил и Методиј и до ден денес и ова е нешто коешто не спојува.
„Треба да ја зајакнеме соработката и за таа цел тука е и словачката министерка за култура, којашто ќе потпише Меморандум за соработка во културата. Но, сакаме да ја прошириме соработката и во други области и сакаме да ја трансформираме во добра економска соработка. Словачка е лидер во авто-индустријата и затоа сметам дека соработката во автомобилската индустрија може да има капацитет“, истакна Бланар.

Главен фокус на разговорите бил ставен на натамошното унапредување на билатералните односи и реафирмирањето на словачката поддршка на нашиот процес на европска интеграција. На средбата беше заеднички оценето дека односите меѓу двете земји се на високо ниво, при што беше изразен особен интерес за продлабочување на економската соработка и привлекување нови инвестиции.
Министерот Муцунски ја истакна важноста на принципиелната поддршка од Словачка за европската перспектива на Западен Балкан и за полноправното членство на нашата земја во Европската Унија. И тој го оцени почитувањето на меѓународното право засновано врз меѓународните правила како клучно за мали земји како нашата, иако подоцна јасно порача дека кога се гласа во ОН, ги брани интересите на голема земја, на Доналд Трамп, кому тие правила не му значат ништо и кој се однесува кон суверени земји како територии што може да ги владее, ако има финансиски или друг материјален интерес, дотаму што денес се понуди да составува влада во Израел предводена од Бенџамин Нетанјаху.
По средбата министерот од Словачка се прошета пеш низ центарот на Скопје каде што се миеше кејот и се садеа цвекиња.
