Комисијата за финансирање и буџет утре ја почнува амандманската расправа за ребалансот на Буџетот


Спротивставени ставови на пратениците од власта и опозицијата попладнево беа изнесени на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет, на која во второ читање се разгледува Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2026 година. Седницата на Комисијата за финансирање и буџет по Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2026 година, продолжува утре со претрес по амандманите. За предлог-ребалансот на буџетот поднесени се вкупно 124 амандмани од овластени предлагачи.

Од владејачкото мнозинство оценија дека измените се неопходни поради променетите економски услови. Посочија дека овој ребаланс не е признание за неуспех, туку, како што посочија, тој е одговор на променетите економски околности. Истакнаа дека продолжува поддршката за општините и реализацијата на развојните проекти.

Пратениците од опозицијата сметаат дека вториот ребаланс во текот на годинава укажува на слабости во буџетското планирање. Посочија дела ребалансот е да се истера некако годината и да се покријат тековните расходи и основните функции на државата.

Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова нагласи дека вториот ребаланс, само два месеци по јулскиот, отвора прашања за квалитетот на буџетското планирање.

-Ако во јули Владата ни го претставуваше буџетот како реален, одржлив и внимателно планиран, прашањето е што се случи за само два месеци за повторно да мора тој да се менува? – праша Николова.

Таа посочи дека со ребалансот се намалуваат приходите и капиталните расходи и оцени дека најголем дел од товарот го носат развојните инвестиции.

-Не е доволно да се обезбедат средства за да се затвори тековната година. Токму тоа сега се прави. Потребно е да се знае колку ќе чини ваквото затворање и какви обврски се префрлаат во иднина – рече Николова.

Во реплика на Николова, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Лидија Петкоска ги отфрли критиките, наведувајќи дека во образованието веќе се реализираат значајни инвестиции.

-Резултатите најдобро се гледаат на терен. Во реконструкцијата на гимназијата во Охрид се инвестирани над 50 милиони денари, вложени се 19,5 милиони денари во кабинетите и работилниците за практична настава, а целосно е реконструиран и опремен Регионалниот центар за стручно образование „Ванчо Питошески“ – рече Петкоска.

Пратеникот на Социјалистичката партија на Македонија, Никола Коњановски оцени дека ребалансот е приспособување кон глобалните економски услови и намалените приходи од акцизи.

-Овој ребаланс не е признание за неуспех. Тој е одговор на променетите економски околности. Не го зголемуваме дефицитот, не ги напуштаме социјалните приоритети – истакна Коњановски.

Тој додаде дека „се обезбедуваат дополнителни средства за социјално ранливите граѓани и за здравствените услуги“, како и дека „продолжува поддршката за општините, бидејќи рамномерниот регионален развој е обврска кон секој град и секоја заедница“.

Пратеничката на НСДП, Соња Мираковска истакна дека вториот ребаланс е последица на лошо планирање.

-Ние треба отворено да си кажеме дека вториот ребаланс е уште еден доказ за слабостите во буџетското планирање. Владата не успеала да ги задржи првично поставените инвестициони приоритети, па сега мора да прави корекции – рече Мираковска.

Според неа, „кога треба да се направи корекција, најголемиот удар повторно го добиваат капиталните инвестиции“.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски истакна дека резултатите од владините политики се видливи преку инвестициите што се реализираат низ државата.

– Во овој момент 1200 проекти се градат. Се градат и во вашата општина, се градат и во сите општини. Тоа може да се види со голо око и тоа граѓаните ќе го видат – рече Стојаноски.

Тој наведе дека со буџетски средства се обезбедени нови амбулантни возила, возила за МВР и комуналните претпријатија, автобуси и железничка опрема, оценувајќи дека „со парите на граѓаните сите овие работи стануваат реалност“.

-Сто нови амбулантни возила. Понатаму, 49 возила за комунална хигиена уште ќе стигнат плус. 120 возила за МВР и 100 возила за пошта. Ова е досега стигнато и промовирано, платено од парите на граѓаните. 108 нови возила за МВР ќе стигнат. Платено од парите за граѓаните. 150 нови автобуси, 100 за Скопје, 50 за другите градови платено од парите на овие луѓе коишто живеат во оваа држава во тој буџет за кој што ние зборуваме туку. Пет до 7 нови патнички возови соработка со Светска банка. Две нови локомотиви, замислете коишто ќе ги плати МЖ Транспорт загубарот. МЖ Транспорт наредната година ќе купи две нови овие локомотиви и 5 електрични локомотиви со соработка со ЕБОР – рече Стојаноски.