ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026 и РЕАЛ ЕКСПО 2026: технологии, енергетика и недвижности на едно место од 29 до 31 октомври во Скопје


Под мотото „Вклучи одржливи навики“ на 29 октомври во Скопје во Т Арената почнуваат меѓународните саеми ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026 и РЕАЛ ЕКСПО 2026 .

Двата настана во трите саемски дена до 31 октомври ќе обединат компании, институции, експерти, инвеститори и млади иноватори, со програма посветена на новите технологии, енергетиката, одржливиот развој и недвижностите.

На средбата со медиумите беше претставена саемската програма, која, покрај изложбениот дел, опфаќа стручни презентации, панел-дискусии, промоции на производи и услуги, деловни средби и можности за вмрежување. На изложбена површина од над 2.500 квадратни метри, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со решенија од областа на роботиката, автоматизацијата, обновливите извори на енергија, циркуларната економија и дигиталната трансформација.

Свеченото отворање на двата саема е предвидено за 29 октомври, од 11:00 часот, а ќе го отворат Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини, и Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.

-Меѓу содржините на ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026 се издвојува претставувањето на хуманоидни роботи со словенечката технолошка компанија Hiproject. Посетителите ќе можат одблиску да се запознаат со овие технологии и да дознаат повеќе за нивната примена во реални работни средини, вклучително во индустријата, логистиката, фармацевтската индустрија, здравството и туризмот, изјави Даниела Глигоровска, извршен директор на Скопски Саем.

Антони Пешев, извршниот директор на Стопанската комора истакна дека околу 40 проценти од постојната работна сила ќе треба да се преквалификува за да остане конкурентна на пазарот на трудот. На глобално ниво, 90 милиони работни места ќе бидат изложени на трансформација, но новите технологии, вели тој, истовремено имаат потенцијал да отворат и 180 милиони нови работни места.

-Македонските компании мора навремено да инвестираат во новите технологии, да развиваат конкурентни производи и услуги и да освојуваат нови извозни пазари. Промените се случуваат брзо и немаме време за одложување. Само со брза адаптација и проактивен пристап можеме да ја зајакнеме конкурентноста на нашата мала економија- изјави Пешев.

Според Марта Наумовска, основач и претседател на МАМЕИ, конкурентноста на домашната индустрија сè повеќе зависи од знаењето, иновациите и примената на новите технологии. Со конференцијата Manufacturing 2026 во рамки на ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026, додаде таа, отвораме простор за поврзување на компаниите, институциите и експертите и за разговор за конкретните чекори кон попаметно, поефикасно и одржливо производство.

Важен дел од програмата ќе бидат и дискусиите за трансформацијата на економијата. Во фокусот ќе бидат можностите за модернизација на домашното производство преку вештачка интелигенција, роботизација и автоматизација, како и поврзувањето на технолошкиот развој со енергетската ефикасност и зелената транзиција. Ќе се разговара и за финансирањето на овие инвестиции, достапноста на зелените кредити и соработката меѓу институциите, компаниите и образованието.

Паралелно, РЕАЛ ЕКСПО 2026 ќе ги обедини градежните компании, инвеститорите, агенциите и професионалците од секторот на недвижностите, кои ќе претстават актуелни понуди, инвестициски проекти и развојни иницијативи од Македонија и регионот.

Панел-програмата посветена на градежништвото и недвижностите ќе отвори прашања за примената на современите технологии и материјали, енергетската ефикасност, зелената градба и подготовката на квалификуван кадар. Дел од дискусиите ќе бидат посветени и на квалитетот на домувањето, движењата на пазарот, урбаната инфраструктура и заштитата на купувачите.

ЕНЕРГО ТЕХНОМА 2026 и РЕАЛ ЕКСПО 2026 ќе бидат отворени за посетителите од 10:30 до 18:30 часот во текот на сите три саемски дена.