Државните ревизори откриле дека имотот во Министерството за дигитализација не бил осигуран


Фото: Б. Грданоски

 

Вонредниот и редовниот попис на средствата не е извршен на начин пропишан со законските и подзаконските акти, а материјалната и сметководствената евиденција на основните средства не е усогласена со фактичката состојба и не е спроведен делбен биланс со Министерството за јавна администрација, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во ревизијата на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за сметка на основен буџет (637) за 2024 година, на Министерство за дигитална трансформација.

Со извршената ревизија за 2024 година не изразуваме мислење во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи, а за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставените политики изразуваме мислење со резерва. Извршена е ревизија и издаден е извештај за финансиските извештаи и за усогласеност со закони и прописи на Министерството за информатичко општество и администрација за 2018 година, во кој е изразено мислење со резерва во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставените политики, информираат од ДЗР.

– Со извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за сметка на основен буџет (637) за 2024 година на Министерство за дигитална трансформација ги утврдивме следниве состојби: вонредниот и редовниот попис на средствата не е извршен на начин пропишан со законските и подзаконските акти; материјалната и сметководствената евиденција на основните средства не е усогласена со фактичката состојба и не е спроведен делбен биланс со Министерството за јавна администрација; за дел од недвижниот имот не е извршена процена на вредноста, а за дел не е извршено запишувањето на правото на сопственост на недвижностите во катастарот на недвижности; обврските спрема добавувачи не се евидентираат во периодот на нивното настанување; имотот со кој располага Министерството не е осигуран; одделението за внатрешна ревизија не е кадровски екипирано и не се извршени ревизии во 2024 година; во дел од досиејата од спроведените јавни набавки не се содржани докази за обезбедени гаранции; и набавени се стоки и услуги за кои не е спроведена јавна набавка, се вели во заклучокот од ревизијата на ДЗР.

Во насока на надминување на утврдените состојби, се додава, дадени се препораки до одговорното лице со цел преземање на мерки и активности со цел подобрување на состојбите.

– Во делот на Нагласување на прашања истакнуваме состојби кои се однесуваат на: структурата на направените расходи на Министерството од средствата обезбедени од Буџетот на државата, кадровската екипираност на Министерството, судска постапка која е во тек и – континуитетот во спроведувањето на проекти од областа на ИКТ со кои се обезбедува развој на безбедна, достапна и одржлива дигитална инфраструктура, забрзана циркулација на информациите меѓу органите на управата и креирање и водење на централна база на податоци, се со цел да се зголеми административната ефикасност и да се намали бирократијата за граѓаните и бизнисите, с енаведува во извештајот.

Се посочува дека од страна на министерот за дигитална трансформација е добиена забелешка на Нацрт извештајот на овластениот ревизор.

-Истата е разгледана и делумно се прифаќа поради дополнително доставени докази. Забелешката и одговорот на истата се составен дел на овој извештај, потенцираат од ДЗР.

 

МДТ: Ревизорските наоди откриваат наследени проблеми стари повеќе од една деценија – дел се веќе надминати, за останатите активно се постапува