Потпишана Националната програма за достоинствена работа 2026 – 2030


Организациите на работодавачите, синдикатите и Меѓународната организација на трудот (МОТ) денеска во Владата ја потпишаа Националната програма за достоинствена работа за периодот 2026 – 2030 потврдувајќи ја својата заедничка заложба за инклузивен економски раст, квалитетни и продуктивни работни места и посилни институции на пазарот на труд.

Изработена преку трипартитни консултации, програмата обезбедува рамка за соработка меѓу МОТ и нејзините трипартитни конституенти во земјата, информираат од Министерството за економија и труд. Таа е усогласена со Рамката на Обединетите нации за соработка за одржлив развој (UNSDCF) 2026 – 2030 придонесувајќи кон остварувањето на нејзиниот стратешки приоритет за одржлива економија и достоинствена работа. Програмата исто така, ги поврзува реформите на пазарот на трудот со пошироката агенда на земјата за одржлив развој и со целите за европска интеграција.

– Со потпишувањето на Националната програма за достоинствена работа 2026 – 2030 ја потврдуваме нашата определба за создавање поквалитетни, подобро платени и посигурни работни места. Нашите приоритети се унапредување на работничките права, развој на вештините според потребите на пазарот на труд, поголемо вклучување на младите и на жените и намалување на неформалната економија. Во партнерство со Меѓународната организација на трудот и социјалните партнери продолжуваме со реформите за подобри услови за работа и посилна економија – рече министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

Успехот на оваа програма, посочи, ќе го мериме преку конкретните подобрувања што ќе ги почувствуваат работниците и компаниите бидејќи нашата цел е достоинствената работа да стане реалност за секој граѓанин.

– Преку заедничка посветеност и заложба може да изградиме поинклузивен, попродуктивен и поотпорен пазар на труд. Со заедничка работа можеме да создадеме квалитетни работни места, да ги зајакнеме институциите на пазарот на труд, да го поддржиме развојот на одржливи претпријатија и да ги оствариме фундаменталните принципи и права при работа – изјави Клер Харасти, директорка на МОТ за Централна и Источна Европа.

Нагласи дека светот на работа во Северна Македонија се менува.

Иако земјата бележи континуиран напредок во социо-економскиот развој, недостигот на работна сила, демографските промени и емиграцијата, неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката на вештини, ниското учество на жените и младите на пазарот на трудот неформалната работа и ограничената продуктивност и натаму претставуваат значајни предизвици.

Новата Национална програма за достоинствена работа одговара на овие предизвици и се фокусира на три приоритетни области: создавање овозможувачка економска средина преку усогласување на трудовото законодавство и законодавството за безбедност и здравје при работа, унапредување на социјалниот дијалог и колективното договарање, како и поддршка на продуктивни, конкурентни, иновативни и одржливи мали и средни претпријатија; унапредување на стручното образование и развојот на вештините преку подобрување на системите за стручно образование, обука и доживотно учење, со цел подобро да одговорат на потребите на пазарот на труд; овозможување економско зајакнување на жените преку промовирање еднакви можности и отстранување на пречките за учество на пазарот на труд, вклучително и обврските за грижа за други лица, родовиот јаз во платите, како и насилството и вознемирувањето на работното место.

Националната програма за достоинствена работа 2026 – 2030 претставува заедничка обврска на Владата, работодавачите, синдикатите и институциите за унапредување на условите на пазарот на труд, обезбедување квалитетни работни места и поголема заштита на работничките права – порача денеска премиерот Христијан Мицкоски на свеченоста по повод потпишувањето на програмата.

Како што соопштуваат од Владата, Мицкоски истакна дека програмата е насочена кон надминување на предизвиците со кои се соочува државата, меѓу кои недостигот од квалификувана работна сила, иселувањето на младите, недоволната продуктивност и неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на стопанството. Според него, целта е економскиот раст да се преточи во подобар животен стандард за граѓаните и отворање квалитетни и добро платени работни места.

– Денешното потпишување на Националната програма за достоинствена работа за периодот 2026 – 2030 година го гледам како важна заедничка обврска. Обврска на Владата, на работодавачите, на синдикатите и на сите институции што имаат одговорност за иднината на македонската економија. Нашата цел е јасна: да бидеме земја во која трудот се почитува, знаењето се вреднува, а работата обезбедува достоинствен живот – посочи Мицкоски.

Тој потенцира дека следниот период ќе биде посветен на реформи во трудовото законодавство, модернизација на институциите, зајакнување на инспекцискиот надзор и развој на вештини што ќе ја зголемат конкурентноста на економијата.