Актерката Соња Михајлова е добитник на наградата за животно дело на Битола
Актерката Соња Михајлова е добитник на наградата „4 Ноември“ за животно дело, највисоката награда што ја доделува Општина Битола по повод роденденот на градот.
Наградата „4 Ноември“ за едногодишни достигнувања ја добија педијатарот Маргарита Камбовска, професорот Горан Илиќ и аматарскиот учител по пливање и скијање Кире Марков.
Соња Михајлова беше предложена од Народниот театар Битола, како актер и првенка на театарот. Во нејзината 42 годишна кариера во континуитет одиграла околу 150 значајни улоги во класичниот и современ драмски репертоар на битолската сцена повеќе од 30 години. Нејзиниот опус е валоризиран со истакнати признанија и награди меѓу кои и наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“ како и бројни признанија и награди на други фестивали. За спомување се претставите: „Куфер“, „Жиголо“ и „Едмонд“ а со тоа влијае врз естетиката и стандардите на македонскиот театар.
На филмските и телевизиските гледачи им е позната од „Бушавата азбука“, „До балчак“, „Кајмак“ и други проекти. (А.Б.)