Жителите на Кисела Вода бараат поместување на автобуската постојка на линијата „24“
Жителите на урбаната заедница „Кисела Вода“ бараат поместување на автобуската постојка на линијата број 24, која сообраќа на релација Тафталиџе – Кисела Вода, и нејзино поставување спроти маркетот „Жито“.
Барањето било изнесено на работна средба со градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, на која граѓаните ги посочиле и проблемите со пешачката инфраструктура, паркирањето и безбедноста во населбата.
Меѓу приоритетите е и обележување на пешачкиот премин на улицата „Христо Татарчев“, кај „Солопром“, за што се бара интервенција од Град Скопје. Жителите побарале и почести полициски контроли во делот кај болницата за зависности, како и воведување зонско паркирање во урбаната заедница.
На средбата биле отворени и прашања поврзани со инфраструктурата и урбанистичкото планирање. Граѓаните побарале реконструкција на кракот на улицата „14 Декември“, зад пазарчето, забрзување на постапките за донесување на деталните урбанистички планови за Расадник и Ј-20/10, како и реконструкција на делови од улиците „Мери Бошковска“ и „Димитар Гешоски“.
Дополнително, било побарано пробивање на оградената патека зад спортското игралиште кај училиштето „Димо Хаџи Димов“.
Од Општина Кисела Вода информираат дека општинските служби ги евидентирале барањата, кои треба да бидат анализирани со цел да се утврдат конкретни решенија.
На средбата биле посочени и реализирани активности, меѓу кои обновувањето на урбаната опрема во паркот „Македонија“, реконструкцијата на спортското игралиште на улицата „Димо Хаџи Димов“ и редовното одржување на зелените површини во населбата.
Средбата е дел од теренските посети на локалната самоуправа, преку кои се собираат предлозите и потребите на жителите.