Како да се справите со проруски претседател на САД?
Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли маските. Тој веќе не крие дека целосно стои зад рускиот претседател Владимир Путин и неговата агресивна војна против Украина.
Уште на почетокот на својот мандат, тој ги запре сите финансиски средства и испораки на оружје за Украина, а сега го оневозможи и последниот сегмент – разузнавачките податоци. Во меѓувреме, тој се обидува да ѝ даде поттик на руската економија преку промовирање на извозот на руски дизел и преку притисок врз Европа да купува руски гас, додека семејството Трамп се обидува да склучи огромни енергетски зделки со Путин.
Украина и Европа се соочуваат со прашањето: Како да постапат со американски претседател кој е проруски настроен? Прашањата се бројни и сложени. Колку директни треба да бидат во своите критики? На кои области треба да им се даде приоритет? Колку брзо треба да дејствуваат? Општиот одговор е дека мора да дејствуваат многу брзо, но притоа да бидат што е можно подискретни – и да не веруваат дека можат да го убедат Трамп.
Во својата нова книга, „Несигурен дечко“ (Unreliable Boyfriend), Кристија Фриланд – поранешна заменик-премиерка и министерка за трговија на Канада – врз основа на сопственото искуство, дава мудар совет за тоа како да се постапува со Доналд Трамп: „Не започнувајте кавга, но и не се повлекувајте ако дојде до неа“.
Досега, најзначајниот исход од дипломатијата на ЕУ кон Трамп беше договорот од септември меѓу САД, Данска и Гренланд, кој всушност претставува обновување на американско-данскиот договор од 1951 година. Данска успеа во ова дејствувајќи брзо, со големо внатрешно единство и во соработка со европските сојузници: тие ги минираа пистите на Гренланд и покажаа дека европските војници се подготвени да пукаат врз американските освојувачи. Со тоа беше спречена незаконската експлоатација на минерални суровини на Гренланд од страна на САД. Клучните зборови беа: брзина, единство и одлучност.
Во моментов, контактите меѓу европските лидери и Трамп се сведени на минимум. Сите тие избегнуваат директно да го критикуваат Трамп, надевајќи се дека ќе избегнат јавни расправии и конфликти со него. Но, тоа не е доволно. Администрацијата на Трамп сега подготвува офанзива против ЕУ. Илон Маск и Џ. Д. Венс веќе водеа кампања за поддршка на партијата „Алтернатива за Германија“. Следната година, во Европа ќе се одржат голем број национални избори. Стејт департментот на САД планира да издвои значителни средства за екстремно десничарските, антиевропски настроени сили – особено за партијата „Национален собир“ на Марин Ле Пен во Франција и партијата „Право и правда“ во Полска.
Европа повеќе не смее да биде пасивна. Исто така, таа не може веќе да се преправа дека САД се нејзин сојузник. Тоа е непријател кој ја поддржува Русија, се спротивставува на Украина и сака да ја уништи ЕУ.
Американците често велат дека САД не се сведуваат на еден човек, но денес Трамп е тој што ја диктира надворешната политика на САД. Сè додека Републиканската партија го контролира Конгресот, тоа е неважно. Таа потроши месеци на усвојување на еден бесмислен закон за санкции кон Русија, кој Трамп го отфрли со едно обично писмо. Дури и Конгрес во кој доминираат демократите тешко би можел да ја запре надворешната политика на овој претседател, кој не почитува никакви закони.
Трамп веќе го заврши НАТО како одвраќање против Русија, иако таа останува како организација. Европа и Канада би можеле да го трансформираат НАТО со елиминирање на американскиот персонал и елементи што е можно побрзо. Ако се суди од тековната дискусија, се чини дека сателитската комуникација е клучен европски недостаток. Европа треба брзо да го развие тоа разузнавање во корист на Украина и нејзина сопствена корист, и треба да се вооружи што е можно побрзо. Најважната реформа на НАТО би била да се вклучи Украина што е можно поскоро, но тоа може да се случи само кога САД ќе бидат исклучени.
Бојното поле во Украина е најважната област на воени иновации во светот. Секој производител на оружје што е отсутен наскоро ќе застари. Ова и нуди на Украина голема потпора. Треба да им се дозволи само на компаниите чии влади можат да понудат цврсти гаранции дека нема наеднаш да ги прекинат испораките да соработуваат со неа.
Европа исто така не смее да дозволи американската влада да ги поткопува ЕУ, демократијата и вистината на европскиот континент. ЕУ треба да донесе закон со кој ќе се забрани финансирање на политички партии и невладини организации од странски држави – како што тоа веќе го стори во однос на Русија. Платформите „X“ и „Meta“ постојано се обвинуваат за мешање во изборите во разни земји преку своите алгоритми кои фаворизираат ставови блиски до Трамп; најнов таков пример е ситуацијата во Бразил. Благодарение на новата дигитална регулатива, ЕУ има можност да ги спречи ваквите злоупотреби и тоа треба да го стори.
Иако звучеше неверојатно, сепак не е изненадувачки: се чини дека пратениците на Трамп – бизнисмените Џаред Кушнер и Стив Виткоф – своите неодамнешни средби со Путин и со официјалната украинска делегација ги искористиле за да разговараат за тоа како би можеле да профитираат од руските енергетски ресурси, конкретно од имотот на „Лукоил“ во странство и од гасоводот „Северен тек 2“. Трамп сака да ѝ овозможи на Русија да продава дизел во странство. САД, пак, имаат намера да ги запленат средствата на руската Централна банка кои се замрзнати во Европа, со цел да извлечат корист за себе и за Путин. Се чини дека личното богатење е главната цел на администрацијата на Трамп.
На ЕУ не ѝ преостанува многу време. Доколку Марин Лепен победи на претседателските избори во Франција следниот април, голема е веројатноста дека единството на ЕУ ќе исчезне. ЕУ треба да ги преземе 200-те милијарди долари замрзнати во банката „Еуроклир“ (Euroclear) во Брисел, пред тоа да го направат Трамп и Путин. Ова треба да биде приоритетно прашање на агендата на ЕУ. Доколку овие средства ѝ се доделат на Украина како надомест за штетата што Русија ѝ ја нанела на земјата, Украина ќе има доволно финансиски средства за да победи во војната оваа зима. (Киев Пост)