Трамп: Франција е преплавена со мигранти, џихадисти и комунисти


Американскиот претседател Доналд Трамп

Американскиот претседател, Доналд Трамп, оцени дека лидерката на француската екстремна десница, Марин Ле Пен, е „конзервативниот глас“ на Франција, по насилните протести и немирите што избувнаа на 17 октомври, кои тој ги поврза со имиграцијата.

Трамп рече дека верува оти Ле Пен била третирана неправедно, но не ја поддржал експлицитно нејзината кандидатура на претседателските избори во Франција во 2027 година, пренесува BFM.

„Не ја познавам, не сум ја запознал, но мислам дека била третирана неправедно“, рече Трамп кога беше прашан од новинар дали ја поддржува лидерката на француската десница.

Тој додаде дека Ле Пен водеше на анкетите претходно и оцени дека, по неодамнешните немири, таа стана „конзервативен глас“ на Франција.

Во последните денови, Трамп постојано коментираше за грабежите и немирите во Франција, користејќи ги тие настани за дополнително да ја истакне својата строга политика за имиграцијата, пред среднорочните избори во САД закажани за 3 ноември.

На предизборниот митинг во Канзас во понеделникот, Трамп зборуваше за ситуацијата во Франција, тврдејќи дека земјата е преплавена од мигранти, џихадисти и комунисти.

„Мигрантите ја освоија Франција. Тие мора да ги затворат границите, и тоа брзо“, напиша тој претходно на својата социјална мрежа Truth Social.

Франција се соочи со бран протести што започна кон средината на септември, кога средношколци во предградијата на Париз излегоа на улиците за да бараат подобри услови во училиштата. На протестите подоцна им се придружија граѓани незадоволни од зголемувањето на цените, а демонстрациите се проширија и во други делови од земјата.

Најмасовниот протест се одржа на 17 октомври, кога, според француското Министерство за внатрешни работи, се собраа околу 550.000 луѓе. За време на немирите, полицијата употреби солзавец, шок бомби и водни топови.

Во март 2025 година, Ле Пен беше осудена за злоупотреба на јавни средства, со петгодишна забрана за вршење јавна функција. Според француските медиуми, во подоцнежна одлука, забраната за кандидирање за функција беше намалена на 15 месеци, кои таа веќе ги отслужи, што ѝ овозможува да се кандидира на претседателските избори во 2027 година.