Во Германија владее мрачно расположение

Последната сезона од телевизиската епопеја „Вавилон Берлин“ нè враќа во 1933 година. Нашата доверба се распаѓа, но тука завршуваат паралелите


Последната сезона од телевизиската епопеја „Вавилон Берлин“ нè враќа во 1933 година. Нашата доверба се распаѓа, но тука завршуваат паралелите.Оваа есен, додека ја гледаме мрачната и застрашувачка последна сезона на хит-серијата „Вавилон Берлин“ (Babylon Berlin), сите ние во Германија можеме да доживееме едно чувство на, условно кажано, задоволство. Ние знаеме сè она што ликовите на екранот – било да се бестрашни (некои од нив), исплашени (многу повеќе) или опортунистички настроени (мнозинството) – не го знаат. Ние ја знаеме нивната иднина.

Серијата „Вавилон Берлин“, продукција на јавниот сервис АРД, се емитува веќе повеќе од 10 години и на брилијантен, фиктивен начин прикажува како Германија, како во сон, зачекорила кон нацизмот и Втората светска војна. Петтата и последна сезона започнува во јануари 1933 година, кога Адолф Хитлер е именуван за канцелар на Рајхот.

Нашата симпатична и убава хероина, детективката Шарлот Ритер, и нејзиниот колега – исто така убав, но помалку забавен и малку посомнителен детектив – Гереон Рат (и двајцата се измислени ликови), продолжуваат да се расправаат, да се вљубуваат и одљубуваат, додека бркаат криминалци и нацисти – групи кои, всушност, стануваат едно исто. Берлин сè уште пее, танцува и љуби. Весниците сè уште се печатат. Возoвите сè уште сообраќаат. Еврејскиот адвокат Ханс Литен – историска личност – сè уште верува во германските закони и германскиот интегритет (вистинскиот Литен подоцна си го одзеде животот во логорот Дахау, во 1938 година).

Гледајќи ја серијата 93 години по прикажаните настани, постојано имам потреба да му викам на екранот: „Свртете лево овде – на оваа вечера можете да го убиете Хитлер, Рајхстагот нема да изгори, и сè ќе заврши поинаку!“ „Разбудете се!“ – сакам да им викам на опортунистичкото мнозинство – „Зар не сфаќате што се случува?“

Се разбира, не го прават тоа. Тие свртуваат на друга страна и не успеваат да го убијат Хитлер. Зашто, фактите си се факти. Авторите на делото верно го прикажуваат февруари 1933 година како месец во кој германското општество, со неверојатна брзина, беше радикално растргнато – како последица на грешките на партиските лидери и другите кои сè уште можеа да го спречат сето тоа.

Тајмингот тешко дека би можел да биде посоодветен. Серијата „Вавилон Берлин“ започна да се емитува во 2017 година – истата година кога екстремно десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (АфД) за првпат влезе во Бундестагот, освојувајќи 12,6 отсто од гласовите. Девет години подоцна, АфД стана доминантна политичка сила во мојата земја. Во септември, на покраинските избори, партијата освои 44 отсто од гласовите во Саксонија-Анхалт и 38,3 проценти во Мекленбург-Западна Померанија. Во вториот случај, ЦДУ  на канцеларот Фридрих Мерц падна на 4,9 отсто и не успеа да освои доволно гласови за влез во покраинскиот парламент – што претставува понижување без преседан.

Затоа, навистина е примамливо да се гледа „Вавилон Берлин“ и во тие историски времиња да се препознаеме самите себеси. Но, дали тоа има смисла? Има, но не на начинот на кој можеби би очекувале.

На денешните германски улици нема милиони очајни невработени луѓе, ниту пак паравоени формации што водат жестоки битки. Не постои траума од Версајскиот договор, а последната глобална финансиска криза се случи во 2008 година. Исто така, нема германски претседател кој систематски ја заменува парламентарната власт со режим на вонредна состојба.

Јирген Клоп, тренерот на германскиот фудбалски тим, неодамна ја советуваше нацијата да се фокусира на своите силни страни, наместо постојано да гледа во она што не функционира – па, ајде да почнеме од таму. Германија има силен систем на уставно судство и моќни сојузни покраини; со помош на своите партнери, таа ја создаде и одржа европската интеграција, а истовремено изгради демократска култура и институции, осмислени токму врз основа на поуките од Вајмарската ера. Нашата европска Германија во 2026 година не е Вајмарска Германија од 1933 година.

Но, постои уште една врска помеѓу серијата „Вавилон Берлин“ и нас, германските гледачи денес – ехо кое е посуптилно и поинтересно. Тоа се крие во убедувањето дека сè се распаѓа. Тука на сцена стапува поимот – инаку прилично тежок за изговарање – selbsterfüllende Prophezeiung (самоисполнувачко пророштво).

Германија е „одлична“ во нешто во што ниту една земја не би требало да се стреми да биде добра. Постојано се опишуваме себеси како земја што е во фаза на конечно пропаѓање. Доволно е само една вечер да проследите некоја политичка дебатна емисија или да ги слушате луѓето околу вас, па ќе заклучите дека сме сведоци на конечниот колапс на една неуспешна држава.

Сите возови доцнат. Мостовите и улиците се распаѓаат. Училиштата потфрлаат, а германските деца заостануваат на ранг-листата на ПИСА. Бирократијата го задушува бизнисот, а даноците се енормно високи – и притоа неефикасно искористени. Зарем енергијата не е прескапа, а пензискиот систем неодржлив? Имиграцијата е надвор од контрола. Нашата дигитална трансформација е чиста шега. А што се однесува до автомобилската индустрија – таа е на колена. Дополнително, изгубивме од Еквадор и Парагвај на Светското првенство. Владата, пак, не може да постигне договор како да се реши кој било од овие проблеми, бидејќи поддршката за двете големи партии од главниот политички тек (десниот центар – ЦДУ и левиот центар – СПД) опаѓа, а коалициите меѓу партии што меѓусебно се мразат стануваат сè посложени и понестабилни.

Дел од ова е вистина – и тоа болна вистина.

Овие редови почнав да ги пишувам во воз од Хамбург кон Тибинген, преку Штутгарт, кој доцнеше два часа. Некој од раководството на „Дојче бан“ (или, се разбира, некоја вештачка интелигенција) одлучи дека, штом веќе толку доцниме, возот ќе заврши во Манхајм. Морав да ги откажам плановите, да се свртам и да се вратам дома. Ете, така изгледа еден ден во денешна Германија.

Сепак, се појави нешто многу посериозно од мојот личен проблем: нашиот национален наратив за неуспех разви вознемирувачки однос со реалноста. Во септември, бројот на невработени во Германија (сезонски прилагоден) повторно надмина 3 милиони, а инфлацијата достигна 3,3 отсто.

Во светот на јавниот радиодифузни медиуми, за реформи се зборува веќе повеќе од една деценија – но наместо да се изгради најсилниот и најотпорниот можен систем, кој навистина би можел да ги издржи потресите, сè се сведува на уште повеќе состаноци, извештаи и истражни комисии.

Сепак, најголемиот проблем лежи во верувањето на Германија дека нејзините проблеми се огромни. И токму тука серијата „Вавилон Берлин“ и нејзиниот приказ на 1933 година стануваат многу порелевантна паралела за 2026 година, отколку што сугерира паролата „Вајмар се враќа“.

Демократиите стануваат ранливи кога луѓето ќе престанат да веруваат дека демократијата може да ги даде очекуваните резултати. Уништувањето на Вајмарската република било проследено токму со такво губење на довербата. Околностите тогаш и сега се суштински различни. Но, еден политички механизам е лесно препознатлив: екстремната десница нуди кратка и едноставна приказна.

Затворете ги границите. Депортирајте ги луѓето што не ги познаваме. Игнорирајте го Брисел. Престанете да ѝ плаќате на Украина. Вратете ја евтината руска енергија и укинете ги бесмислените климатски правила. Германија на прво место.

Се чини дека нашето општество е исплашено и исцрпено од низата кризи што траат со години, како и од алармантните најави за бескрајни кризи во иднина. Партијата Алтернатива за Германија го разбира ова и знае како секој мал, нерешен проблем да го претвори во доказ дека „системот“ е гнил. Ако ми доцни возот, тоа веќе не е само обичен инцидент, туку доказ за национална пропаст. Генијалноста на идеологијата на пропаѓањето (деклинизмот) лежи во тоа што таа самата се потврдува. Штом еднаш ќе прифатите дека земјата пропаѓа, насекаде гледате само докази за тоа.

Дали би го препознале крајот на нашата демократија доколку тој се случуваше денес, и тоа нам? Или, пак, дали би ја препознале силата на нашата демократија доколку таа не се ближи кон крајот?

Постои опасност прекумерно да ги драматизираме работите, до тој степен што ќе престанеме да ја забележуваме отпорноста и напредокот, како и фактот дека многу работи функционираат сосема добро. Германската вознемиреност прераснува во германски цинизам; цинизмот се претвора во презир; а на крајот, поради тој презир, ветувањето за уништување што го нуди партијата Алтернатива за Германија ќе почне да звучи како обновата што на сите ни е потребна.

Можеме и мораме да ја раскажеме другата, вистинска приказна – приказна за земја која пронашла доверливи пријатели и партнери, а со тоа и мир што трае веќе 80 години; земја која постигнала економски, политички, културни и научни успеси за какви што сонуваат повеќето нации – па дури и во фудбалот (иако станува сè потешко да се сетите на тие денови).

Ова не е повторување на 1933 година, но сепак е сериозен момент. Исто така, ова е добар момент да се потсетиме дека, во опасни времиња, една демократска коалиција мора да владее што е можно поодлучно, поефикасно и со што е можно повеќе емпатија.

(Клаус Бринкбаумер, поранешен извршен уредник во „Шпигел“, е водител на поткасти и телевизиски емисии во Германија и има објавено девет книги. Текстот е објавен во „Гардијан“.)