Мицкоски: ОКТА е клучна за енергетската стабилност, со реактивирање на рафинеријата ќе се зголеми домашното производство
ОКТА е најголемиот снабдувач со нафтени деривати во земјава, а евентуалното повторно активирање на рафинеријата би овозможило преработка на сурова нафта во горива, зголемување на индустриското производство и раст на бруто-домашниот производ – изјави премиерот Христијан Мицкоски во интервју за ТВ 21.
Тој посочи дека Владата побарала да се разгледа можноста за реактивирање на рафинеријата, што, според него, би имало значење и за сигурноста во снабдувањето со горива и за домашната економија.
Мицкоски рече дека најголем снабдувач во моментов е „Хеленик Петролеум“, односно ОКТА, а очекува од јануари да започнат со снабдување и уште еден или два оператори.
– Најголем снабдувач во моментот е „Хеленик Петролеум“, односно ОКТА. Очекувам од јануари уште еден или два оператори исто така да носат производи овде кај нас. Но, „Хеленик Петролеум“, односно ОКТА, е исто така најголем снабдувач и во Косово и во јужна Србија – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека пуштањето во употреба на продуктоводот претставувало значаен чекор за земјава, бидејќи со тоа се поврзале рафинеријата и складиштата во Грција со пристаништето во Солун, со што се удвоил капацитетот за транспорт на горива.
– Ние направивме промена на играта кога го пуштивме продуктоводот. Од мене нејасни причини, таа цевка беше надвор од употреба. На почетокот на годината, кога сè уште не беше јасно дали ќе имаме ваков тип криза и ваков тип интервенција, одлучивме да влеземе во процес во кој сега излеговме како победници, бидејќи практично ги поврзавме рафинеријата и складиштата таму со пристаништето во Солун – изјави премиерот.
Тој појасни дека тоа не значи оти е прекинат транспортот на горива со цистерни од странство, ниту дека се нарушува снабдувањето на компаниите и железницата, туку дека е зголемен вкупниот капацитет за транспорт.
Според Мицкоски, економскиот модел што го воспоставила Владата овозможил граѓани од соседните држави да доаѓаат во Македонија за да полнат гориво, што го зголемило прометот не само на бензинските пумпи, туку и во другите дејности, особено во пограничните места.
– Тоа што тие доаѓаат двојно го зголемија конзумот кај нас, на кој можеме да одговориме. Но, знаете, размислувавме вака: тој што дошол да го наполни резервоарот сигурно ќе појде и до маркет, ќе појде и во ресторан, ќе руча, ќе направи нешто и повторно ќе потроши некој денар – рече Мицкоски.
Тој посочи дека анализите на дел од пограничните места покажуваат дека прометот на локалните економски субјекти е зголемен најмалку за 50 проценти, а на некои места и двојно.
Премиерот оцени дека овој модел засега обезбедува сигурност во снабдувањето со горива, но и дополнителна економска активност во земјава.
Во однос на можноста за повторно активирање на рафинеријата ОКТА, Мицкоски рече дека побарал да се испита што би значело тоа за Македонија, пред сè во однос на снабдувањето со дизел и другите горива, но и во однос на економските придобивки.
Тој објасни дека суровата нафта, доколку рафинеријата повторно започне со работа, би се преработувала во готови горива, дел од кои би можеле да се пласираат на домашниот пазар, а дел да се извезуваат во Косово, јужна Србија или на други пазари.
– Еве ќе ви кажам што тоа би значело. Доколку успееме преку ОКТА да ја стартуваме, тогаш ќе имаме сурова нафта. Суровата нафта ќе се преработува во гориво, дизел… И претпоставувам дека дел од тие количества ќе се извезуваат во Косово или во јужна Србија или на некое друго место – рече премиерот..
Според него, преработката на суровата нафта во финални производи создава додадена вредност во земјава, која директно би придонела за раст на бруто-домашниот производ и на индустриското производство.
-Суровата нафта има одредена цена. Кога вие ја преработувате во гориво, додавате вредност. Таа додадена вредност ќе учествува во нашиот бруто-домашен производ и на тој начин бруто-домашниот производ ќе расте. Колку што е додадената вредност во финалниот производ, ќе расте индустриското производство, а со тоа ќе расте и бруто-домашниот производ – појасни Мицкоски.
Тој додаде дека зголемувањето на домашното производство би значело и поголеми даночни приходи, како и подобрување на фискалната позиција на државата.
Мицкоски нагласи дека Владата ги анализира економските и финансиските предизвици што се очекуваат во наредниот период, вклучително и условите на меѓународните финансиски пазари, на кои се зголемува конкуренцијата за обезбедување ликвидни средства.
Како што рече, на пазарите се очекува појава на држави што ќе издаваат обврзници во вредност од стотици милијарди евра за покривање на буџетските дефицити и рефинансирање на постојните долгови, додека големите мултинационални компании обезбедуваат значителни средства за проекти поврзани со вештачката интелигенција.
– Денес, кога зборуваме за војните што беснеат, тоа е едно, но она што се случува на финансискиот пазар е нов предизвик. Ние сето ова го анализираме, разговараме, правиме сценарија и засега работата ја држиме. Не гледам причина зошто и во иднина да не биде така, бидејќи имаме план за наредните пет години како сето тоа да трае – изјави Мицкоски.
Тој посочи дека 2027 и 2028 година ќе бидат предизвикувачки за јавните финансии, бидејќи во тие години доспеваат еврообврзници, додека во 2029 година не е предвидено доспевање на еврообврзница, што, според него, ќе овозможи извесно намалување на притисокот врз Владата.
Осврнувајќи се на глобалната енергетска криза и можните проблеми со снабдувањето со дизел, Мицкоски рече дека прашањето за цените сè уште постои, но дека во моментов поголем предизвик е обезбедувањето доволни количества гориво.
Тој оцени дека светот се соочува со сериозни енергетски нарушувања поради војните и нападите врз енергетската инфраструктура, што создава неизвесност на меѓународните пазари.
– Не знам дали сме свесни, но денес во светот се води тивка, невидлива трета светска војна. Погледнете што се случува. Живееме во најголемата енергетска криза што ја памети човештвото – рече Мицкоски.
Тој посочи на војната во Украина, нападите врз танкери, аеродроми и цевководи во регионот на Заливот, како и на пошироките економски последици од нестабилноста во светот.
Според него, нарушувањата создаваат проблеми и во големите демократии и економии, а Владата во Скопје настојува да обезбеди стабилно снабдување со горива без да предизвикува дополнителна паника.
-Ние успеавме да ја задржиме цената на горивата да биде најниска во Европа, ако се исклучат Русија и Белорусија. Сега веќе за половина евро литар сме поевтини од соседните држави. Направивме таков економски модел да можеме на подолг рок да го одржиме. Не правиме панични прес-конференции. Не стравуваме од тоа дали ќе имаме или ќе немаме, туку работиме за да обезбедиме – изјави премиерот.
Во однос на загриженоста дека некои поголеми економии предупредуваат на можен недостиг на дизел во 2027 година, Мицкоски рече дека состојбата во Македонија не може директно да се споредува со онаа во поголемите држави, пред сè поради разликите во обемот на потрошувачката и начинот на набавка.
Тој појасни дека пазарот на енергенси функционира и преку берзански трансакции и преку билатерални договори, поради што поголемите купувачи немаат секогаш автоматска предност при набавката.
Премиерот посочи дека врз основа на анализите и разговорите со трговците, засега има уверувања за стабилно снабдување до крајот на годинава, како и дека не се очекуваат проблеми во 2027 година. Тој нагласи дека Владата внимателно ги следи состојбите и подготвува сценарија за можните промени на пазарот.