Божиновска: Идејата за рестартирање на „Окта“ е во рана фаза, но е опција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска изјави дека снабдувањето со нафта и нафтени деривати, вклучувајќи го и дизел-горивото во земјата е стабилно, а за идејата за рестартирање на „Окта“ и повторно производство на дизел-гориво вели дека е во рана фаза и оти е опција.
– Тоа е нешто што е многу старо, значи од 2012, има некои дискусии, меѓутоа сега е во рана фаза, така што треба многу технички податоци, информации да добиеме. Сега за сега е како опција, меѓутоа продуктоводот функционира. Имаше состанок со трговците, рекоа дека нема никаков проблем (за набавка на дизел-гориво) – рече Божиновска на настан во Скопје.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно во изјава за медиумите рече дека од информациите што ги добил од трговците со нафта и нафтени деривати не треба да се очекува недостиг на дизел-гориво до крајот на годината, а она што тие му го пренеле во приватни разговори е дека не очекуваат проблеми во снабдувањето ниту за наредната година. Со раководството на „Окта“ е разговарано за можноста за нејзино рестартирање и прозводство на дизел-гориво од сурова нафта, особено поради тоа што рафинеријата сега преку продуктводот е поврзана со Солунското пристаниште. Ние како држава, нагласи Мицкоски, остануваме на политиката на најниски цени за горивата со цел заштита на стандардот на граѓаните.
За тоа дали е исплатливо повторно да се отвори рафинареијата „Окта“ имајќи предвид дека таа не работи од 2012 година, министерката за енергетика Божиновска вели дека ќе треба да се направи сериозна анализа бидејќи се работи за продуктовод што веќе се користи и доста добро функционира.
– Кога ќе се направи детална техничка анализа со сите бројки и параметри, ќе знаеме повеќе – рече Божиновска.
Во однос на кризата со дизелот во Европа, министерката посочува дека двете војни од 28 февруари наваму влијаат и се погодени многу држави.
– Ние досега многу добро поминавме, имавме секогаш снабдување, дури и нашите соседи, на граничните премини 30 проценти имаше зголемен број на користење на горивото и сега за сега е добро. Значи, имаме и државни резерви, имаше разговор со сите нафтени трговци и уверија дека нема никаков проблем, не треба да се грижим – рече Божиновска.
Министерката рече дека досега не се размислувало за најцрно сценарио, меѓутоа дека како држава имаме законски рок за колку дена треба да имаме резерви, а ги имаме.
– Понатаму, секој трговец мора да има пет дена на да чува резерви и секако сме во координација со „Хеленик петролеум“ и со „Окта“, кои уверуваат дека имаат сигурност во снабдувањето – рече министерката Божиновска.
Таа уверува дека Владата ќе преземе сè зимава да има сигурност во снабдувањето со енергенти и да нема ценовни шокови.