Кризата со дизел ја враќа во живот скопската Рафинерија?
Премиерот Мицкоски денеска рече дека дал задача „да се преразгледа можноста“ за рестартирање на рафинеријата ОКТА. Главната дилема е што ќе прави Македонија со мазутот, кој учествуваше дури со 40 отсто во структурата на производството на рафинеријата додека беше во погон
Светската криза со снабдување со дизел гориво би можела да ја врати во живот скопската Рафинерија, која е надвор од погон речиси деценија ипол. Ова денес како можност го навести премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека била дадена задача „да се преразгледа можноста“ за рестартирање на рафинеријата ОКТА.
„Дадовме задача да се преразгледа можноста да се рестартира производниот процес на рафинеријата ОКТА, имајќи предвид дека продуктоводот сега е во функција, односно Рафинеријата е физички поврзана со солунското пристаниште. Така што, во иднина може да се носи сурова нафта и да се преработува во рафинеријата и да се користи за дизел гориво“, рече денес Мицкоски одговарајќи на прашања на новинарите на прес конференција во Владата посветена на нова инвестиција на германската компанија „Кромберт и Шуберт“во зоната „Жабени“ кај Битола.
„За жал Рафинеријата од 2012 година не е пуштена во погон, таа е затворена. Во моментов се прави дефектажа и очекувам многу скоро да добијам информација од раководството на ОКТА дали и за колку време евентуално би можела рафинеријата да биде ставена во функција“, истакна Мицкоски.
На праашњето како енергетската криза ќе влијае на Македонија со оглед дека сме земја која што е зависна од увоз на дизел и дали државните резерви може да издржат подолгорочна криза, со оглед дека Меѓународната агенција за енергетика предупреди дека е можно да има недостиг на дизел на светско ниво дури и до 2027 година, Мицкоски рече дека никој во светот не може да издржи повеќе од три месеци ако нема доставување на дизел гориво вклучително и ние. Тој додаде дека на оваа тема веќе имал состанок со најголемите трговци со нафтени деривати и горива, вклучително и со раководствот на ОКТА.
„Од она што го имам од трговците како информација е дека до крајот на годината ние немаме воопшто стравување за било какви недостатоци, напротив. Исто така, неофицијално, во приватни разговори од нив, ми беше потврдено дека ќе немаат проблеми и за следната година“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека во светот ова претставува „епски предизвик“, нешто за што тој зборувал неколку месеци наназад.
„Ние како држава остануваме на политиката на најниски цени за горивата, тука пред сѐ мислам на дизел горивото и безоловните бензини од 95 и 98 октани. Сега сме речиси од сите соседи за половина евро по литар поевтини. Тоа носи свои предизвици, носи свои стравувања, но истовремено цениме дека стандардот на граѓаните за нас е императив и наша цел е да го заштитиме онолку колку што можеме и тоа и го правиме и во таа насока ќе продолжиме да се однесуваме“, рече Мицкоски.
Дали Рафинеријата ќе има нов живот, веројатно ќе зависи и од состојбата со дизелот на светскиот пазар. Но, главна дилема, за која денес не зборуваше премиерот, е структурата на производството на Рафинеријата, а која години по нејзината спорна приватизација ѝ наметна обврска на Македонија да купува енормни количества мазут, кој немаше каде да го троши.
Имено, според информациите кои се достапни и на Интернет, структурата на добиените деривати беше директно поврзана со доминантниот удел на мазутот (тешкото гориво) во процесот на примарна преработка, по што следуваа дизелот и бензинот.
Тоа се должи на едноставната „хидроскиминг“ (hydroskimming) технологија на рафинеријата (која немаше секундарни комплексни постројки за „длабока“ преработка како каталитички крекинг).
Па така, од секој барел сурова нафта се добиваа мазут (околу 35% до 40% од преработената нафта завршуваше како мазут), што најмногу ги задоволуваше големите индустриски капацитети во земјава (како РЕК Битола, ФЕНИ, Железарницата) и топланите.
На второ место е дизел горивото, но дури и со ваквото производство, пазарот во Македонија и регионот имаше (и сè уште има) најголема побарувачка токму за дизел, а количините произведени во ОКТА често пати не беа доволни да ја покријат целата домашна потрошувачка, па компанијата мораше дополнително да увезува готово дизел гориво.
На трето место во структурата беа моторните бензини (Еуросупер 95 и 98) кои се произведуваа во помал процент во споредба со мазутот и дизелот. Сепак, ОКТА успеваше целосно да ги задоволи домашните потреби за бензин, па дури и да оствари значителен извоз на бензин кон Косово и другите соседни пазари.
Се добиваа и други деривати на нафтата, како течен нафтен гас, примарен бензин, и керозин што се користи како млазно гориво за авиони.
Токму овој сооднос — каде што се произведуваше премногу евтин мазут, а премалку профитабилен дизел и бензин — беше главната економска причина зошто Хеленик Петroleум одлучи да го прекине производството во 2013 година, бидејќи увозот на веќе рафиниран дизел од Солун стана поисплатлив отколку неговото производство во Скопје.
Инаку Рафинеријата ОКТА АД – Скопје е најголемиот снабдувач на горива во Македонија. Беше основана е во 1978 година со седиште во Миладиновци (општина Илинден), а од 1999 година е дел од компанијата „EL.P.ET. – BALKANIKE, SOCIETE ANONYME PETROLEUM TRADING AND INVESTMENT”, член на Хеленик Петролеум Групацијата, која станува стратешки инвеститор во ОКТА. Денеска групацијата го носи називот HELLENiQ ENERGY.
Рафинеријата ОКТА беше проектирана и изградена со номинален (инсталиран) капацитет за примарна преработка од 2,5 милиони тони сурова нафта годишно. Сепак, реалното искористување варирало во зависност од пазарните услови и потребите на регионот. Максималното производство било постигнато во 1988 година, кога биле преработени 1,36 милиони тони сурова нафта, а во годините пред целосното затворање (јануари 2013 година), годишното производство и преработка се движеле во просек помеѓу 500.000 и 1 милион тони нафтени деривати, што значело дека рафинеријата работела со околу една третина до половина од својот вкупен капацитет.