ИКЕА лансира нов концепт: мали дуќанчиња ќе никнуваат во градовите
ИКЕА развива сосема ново, многу поедноставно и помодерно искуство за купување и од 2027 година ќе започне со отворање помали продавници.
Според „Фаст компани“, помалите продавници, кои првпат беа воведени во Лос Анџелес во 2025 година, ќе почнат да се отвораат во сè поголем број градови во текот на 2027 година.
Попристапно купување
„Големите сини стоковни куќи ќе продолжат да бидат основа на нашиот бизнис. Воведуваме помали формати на продавници за да им обезбедиме на клиентите поудобно купување. Ова важи и за градовите каде што ИКЕА сè уште не е присутна, но и за оние каде што веќе имаме продавници, но сакаме да им обезбедиме на клиентите поедноставно и подостапно купување на неделна или месечна основа“, изјави за Ројтерс извршниот директор на „Ингка груп“, Хувенсио Маезту.
Најавата за новиот бизнис концепт доаѓа во време кога ИКЕА се соочува со пад на продажбата. Компанијата објави на почетокот на август дека нејзината продажба опаднала трета година по ред. Во 64-те земји во кои работи, е забележан пад од приближно 2 проценти во споредба со претходната година.