Мицкоски од Берлин предупреди дека нè очекува тешка зима, Владата подготвува мерки за заштита на стандардот


„Ова ќе биде тешка зима насекаде во Европа, тешка зима и за Македонија“, порача премиерот Христијан Мицкоски од Берлин, по состанокот на Коалицијата на волните, организиран од германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Мицкоски во видеообраќање на Фејсбук рече дека Владата работи на стратегии со кои граѓаните ќе ги почувствуваат што е можно помалку последиците од глобалните предизвици.

„Она што е важно е дека работиме на тоа граѓаните оваа зима да ја поминат како што ги поминуваат сите зими во нормални услови, без разлика на предизвиците во светот“, изјави премиерот.

Тој оцени дека светот се соочува со сериозни безбедносни и геополитички предизвици, опишувајќи ја актуелната состојба како „тивка, Трета светска војна“.

На состанокот во Берлин, Мицкоски учествуваше заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. На разговорите биле присутни и американските претставници и преговарачи за Украина, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, а телефонски се вклучил и американскиот претседател Доналд Трамп.

Енергетски предизвици во пресрет на зимата

Предупредувањето на Мицкоски доаѓа во период на зголемени притисоци врз европските енергетски пазари. Во претходните изјави премиерот зборуваше за високите цени на струјата и гасот, ниските резерви на гас и проблемите со производството на хидроенергија во Европа.

Владата најави дека ќе се обиде да ги ублажи последиците врз граѓаните преку зголемување на домашното производство на електрична енергија. Меѓу планираните мерки се обезбедување јаглен од Косово за РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, како и повторно ставање во функција на ТЕЦ „Неготино“.

Мицкоски претходно најави дека државната ЕСМ ќе понуди иста цена на електричната енергија како и минатата година, со цел да се избегне поскапување за домаќинствата. Конечната цена за струјата ќе биде позната по одлуките на надлежните институции.