„Кромберт и Шуберт“ отвора 2.000 нови работни места во Битола за производство на делови за „Ауди“


Денеска објавуваме значајна вест за домашната економија, компанијата „Кромберг и Шуберт“ почнува нов инвестициски проект, каде што во следните четири години се предвидува отварање нови 2.000 работни места – рече на денешната прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски.

Тој посочи дека она што таму ќе се произведува се автомобилски компоненти за германскиот автомобилски гигант „Ауди“.  

– Ова е важна инвестиција за Битола, за Пелагонискиот Регион и за целокупната економија, но и потврда дека како држава располагаме со квалификувана работна сила, индустриски капацитети, кои може да одговорат на највисоките европски стандарди – нагласи Мицкоски.  

Премиерот информира дека во фабриката во индустриската зона Жабени ќе се произведуваат системи за нов модел на „Ауди“ со планиран обем од над 3.000 снопа дневно. Инаку, проектот предвидува и воведување современи технологии и дигитализација на производството.  

– „Кромберг и Шуберт“ досега има реализирано три инвестициски проекти во Жабени. Ќе ме коригирате ако погрешам, во Битола досега се речиси 5.300 или 5.280 вработени, во Скопје се нешто над 1.700. Со овој проект ќе дојдеме веќе до 10.000 вработени. Така што, довербата што ја има „Кромберг и Шуберт“ во земјата е огромна – потенцира Мицкоски. 

Премиерот истакна дека за Битола и за цела Пелагонија ова значи нов развоен импулс за локалното стопанство, дополнителна моќност, а за граѓаните перспектива за стабилна работа и економска сигурност.  

​- Нашата цел е да бидеме препознаени како сигурна и конкурентна инвестициска дестинација со силна индустрија, зголемен извоз. Како што разговаравме пред почетокот на оваа прес-конференција, в година „Кромберг и Шуберт“ очекува да надминат 400 милиони евра извоз од своите производствени капацитети кај нас. И подобро платени работни места, навистина просечните плати, особено за висококвалификуваниот кадар, се над 80 отсто над просекот во Македонија – рече Мицкоски.  

​Тој упати благодарност до раководството на „Кромберг и Шуберт“ за довербата, како и до сите вработени што со својата стручност и посветеност придонесуваат за реализација на нашите проекти

– Сакам да испратам јасна порака – ова се нашите цели, ова се нашите приоритети и вака треба да работиме во иднина за сопствената татковина – со конкретни инвестиции, со отворање работни места и со резултати. За жал, сè уште имаме политички сили што се преокупирани со секојдневни политилчки пресметки базирани на конструкции, лаги и измилици, а ние ќе останеме посветени на она што им е важно на граѓаните, а тоа се капитални инвестиции и проекти – потенцира премиерот на прес-конференција во Владата.