Лагард: ЕЦБ има инструменти за реагирање на неоправдани пазарни движења


Европската централна банка (ЕЦБ) располага со инструменти со кои може да ги стабилизира финансиските пазари доколку има потреба од тоа, изјави денеска претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.

Лагард на состанокот на министрите за финансии на еврозоната во Луксембург зборуваше за движењето на приносите на државните обврзници и го повтори ставот на ЕЦБ дека внимателно го следи функционирањето на финансиските пазари, пренесува „Блумберг“, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите.

Таа наведе дека ЕЦБ има инструменти за реагирање на неоправдани и неуредни пазарни движења кои би можеле да го загрозат непреченото пренесување на монетарната политика, со примена на јасно дефинирани критериуми за прифатливост.

Лагард не сакаше да ја коментира ситуацијата во одделни земји.

Наглото распродавање на француските државни обврзници повторно ги отвори прашањата за можниот одговор на ЕЦБ и потсети на должничката криза во еврозоната која се прошири низ Европа меѓу 2009 и 2015 година, наведува американската агенција.

Зборувајќи за движењето на потрошувачките цени, Лагард рече дека цените на енергенсите нагло растат, но дека засега нема знаци дека растот на инфлацијата се проширил на поширок спектар на производи и услуги.