Петрова за Коридорот 8: Правиме се да го испочитуваме рокот
Во Софија е во тек меѓународната конференција на министерско ниво посветена на развојот и стратешкото значење на Паневропскиот коридор 8, на која учествува македонскиот министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. целта е низ експертски дијалог да се забрза неговата реализација и да се обезбеди подобра координација меѓу вклучените институции.

Муцунски ќе се обрати на панелот на високо ниво „Геостратешки контекст на Коридорот 8“, а на маргините на конференцијата ќе има средби со еврокомесарката за проширување Мара Кос и шефицата на бугарската дипломатија, Петрова Чамова.
Очекувањата од македонска страна од средбата Муцунски-Петрова Чамова се преку директен дијалог, во добра волја и со взаемно почитување, да се отворат можности за деблокирање на интегративниот пат, при што се нагласува потребата од одржливо решение кое нема повторно да го изложи пристапниот процес на нови билатерални условувања.

Средбата меѓу двајцата министри за надворешни работи доаѓа откако Европската комисија објави предлог за идното проширување, во кој меѓу другото се предлага квалификувано мнозинство за отворање на преговорите и постепена интеграција, но со заштитни клаузули што треба да обезбедат дека новите членки ќе го почитуваат тоа на што се обврзале во преговорите.
Бугарската министерка пред почетокот на Конференцијата изјави дека Коридорот 8 треба да се гледа како единствен стратешки проект за поврзување, а не како збир од одделни инфраструктурни сегменти.

Нагласи дека Бугарија има јасна политичка волја да ја забрза работата на проектот, кој е од клучно значење како за поврзувањето со Западен Балкан, така и за европското поврзување.
„ Коридорот 8 е проект од стратешко значење за нас и со години е приоритет; сепак, работата на него не секогаш се одвивала со потребното ниво на активност“ – изјави таа.
Според неа, Бугарија има јасна политичка волја да ја забрза работата на проектот, кој е од клучно значење како за врските со Западен Балкан, така и за европското поврзување. Таа истакна дека состанокот во Софија нуди можност да се одржи потребниот политички замав, а истовремено да се разгледа напредокот на поединечните проекти и сегменти.
„Ова е можност, од една страна, да се одржи политичкиот замав, а од друга, јасно да се процени статусот на релевантните проекти и сегменти. Трето – и не сакам да размислуваме за тоа само во смисла на мали проекти и сегменти – мораме да го гледаме како единствен, голем коридор што треба да се заврши“, нагласи министерката за надворешни работи.
Петрова, исто така, го вклопи Коридорот 8 во поширокиот контекст на европското транспортно и економско поврзување. Таа потсети дека следната година Бугарија ќе биде домаќин на самит посветен на поврзувањето, со посебен фокус на Средниот коридор.
„Кога овој Среден коридор ќе стигне до Бугарија, тој мора да почне да нè поврзува и со остатокот од Европа и со Западен Балкан. Коридорот 8 ја обезбедува токму таа врска со земјите од Западен Балкан, па затоа е важно да не ја занемариме работата на него“, рече Петрова.
Според министерката , развојот на Коридорот 8 не треба да се ограничува на еден вид инфраструктура. Иако железничкото поврзување останува клучен елемент, проектот е значаен и за енергетското поврзување и за воената мобилност.
„Важно е да се развива повеќе од еден вид инфраструктура. Секоја компонента – железничката инфраструктура и оние конкретни делници што со години останале недовршени – е важна. Сепак, мораме да го гледаме проектот сеопфатно, бидејќи тој нуди потенцијал за железничко и енергетско поврзување, како и – што е клучно во овој момент – за воена мобилност. Според тоа, секој аспект е важен“, изјави Петрова.
Таа нагласи дека завршувањето на проектот е реална цел, иако сè уште постои потреба од конкретни временски рамки и доследно дејствување.
„Завршувањето е реално. Знаете дека неодамна се одржаа состаноци со Министерството за транспорт, на кои ефективно беа утврдени техничките параметри. Работата се одвива со цел да се испочитуваат роковите“, рече министерката за надворешни работи.
Петрова истакна дека конкретните технички параметри и временски рамки се во надлежност на Министерството за транспорт, но ја нагласи посветеноста на владата.
„Секако дека постои политичка волја од наша страна. За нас, прашањето за поврзувањето е голем приоритет во целина. Ги дефинираме конкретните параметри за финансирање на секој проект за да обезбедиме тој да може да се заврши навреме. Правиме сè што е во наша моќ за да се осигураме дека роковите ќе бидат испочитувани“, изјави Велислава Петрова.
Министерот за транспорт на Бугарија, георги Пеев, пак, ја посочи 2034 година како рок до кога треба да се комплетира Коридорот 8.
„Веќе ги презедовме итните чекори. Постои заеднички комитет со македонската страна кој веќе одржа два состанока – еден во Софија и еден во Скопје. Таму утврдивме конкретен план. Сите проекти се одвиваат со забрзано темпо“, посочи Пеев.
Пеев истакна дека веќе постојат потребната политичка волја и поддршката од Европската комисија за реализација на проектот.
„Најтешкиот дел е заедничкиот проект за тунел меѓу Бугарија и Северна Македонија. Бугарија ќе ја преземе водечката улога таму и ќе управува со постапките за јавни набавки. Тоа е најголемиот предизвик бидејќи станува збор за тунелска конструкција која бара значителен напор“, објасни тој.
Пеев напомена дека временските рокови се утврдени во рамките на финансиската рамка што трае до 2034 година, изразувајќи уверување дека европското финансирање и политичката поддршка ќе овозможат забрзување на изградбата.