Развојот на авиосообраќајот е резултат на паметната политика на субвенционирање, вели Николоски
Успехот што го постигнуваме во развој на авиосообраќајот е резултат на паметната политика на субвенционирање што ја создадовме 2024 година и почнавме да ја спроведуваме во 2025 година и веќе ги даде резултатите. Секој месец рушиме рекорди. Во јули месец, споредено со јули минатата година, двата аеродроми пораснаа 21 отсто, август пораснаа 31 отсто – вели заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
– Кога бевме избрани, вкупната фреквенција на сообраќај на двата аеродроми заедно беше некаде околу 2 милиони и 400 илјади. Јас очекував до крајот на првиот мандат на оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ некаде околу 3,2 – 3,3 милиони патници, а веќе стигнавме за една година на 3 милиони патници и оваа година е само прашање на среќа, буквално на десеттина илјади патници, дали ќе стигнеме до 4 милиони патници. Значи, држава со милион и 800 жители има 4 милиони патници на двата аеродорми. Дополнително на тоа, ние го снабдуваме приштинскиот аеродром целосно со керозин и снабдуваме голем дел од потрошувачката на нишкиот аеродром. Исто така на Скопскиот аеродром е третата најголема база на компанијата Визер, во моментов најголема европска компанија после Туркиш Ерлајнс во авиоиндустријата и сите нивни авиони коишто преноќуваат на Скопскиот аеродром се најновите Ербаси, “Airbus A321Neo”, коишто најмалку загадуваат – истакна вицепремиерот Николоски.
Во делот на Охридскиот аеродром, вицепремиерот вели дека има огромен раст на сообраќајот, со можност Визер, базата да ја прошири и во Охрид со уште еден авион.
– Концесијата кога е дадена, во неа пишуваше дека до 2030 година Охридскиот аеродром ќе достигне 130.000 патници. Значи тоа го определил концесионерот и државата. Оваа година Охрид ќе помине 350.000–400.000 патници, со многу голема шанса да го замине Нишкиот аеродром – вели Николоски.
Најави дека се прецизира отворање на линијата Скопје-Дубаи.
– Дубаи е одлична дестинација. Одлична што голем дел од бизнисот веќе се сели во Обединетите Арапски Емирати, зборувам од европскиот бизнис. Оние големи саеми каде што се претставуваат производители веќе мигрираат кон Дубаи, што многу ќе значи за македонските производители од една страна. Од друга страна, очекуваме сè повеќе туристи од Обединетите Арапски Емирати и во Скопје – истакна Николоски.