Каматите како товар на буџетот

За четири години расходите по основ на камати бележат раст од 110 проценти во однос на 2022 година. Во 2026 само за камати ќе треба да исплатиме 340 милиони евра


Како и на глобално ниво, така и кај нас, поголем проблем од висината на јавниот долг станува неговото сервисирање односно каматните плаќања по таа основа. И покрај сите интервенции на администрацијата на Трамп, приносите на државните обврзници на САД бележат нови рекорди. Слично е и со водечките економии во ЕУ, пред сѐ Франција. Графиконот подолу покажува дека и ние како мала економија влегуваме во фаза на забележитело зголемување на трошоците за одржување на јавниот долг. 

Каматни плаќања по јавен долг во милиони евра 2016 – 2026. (ребаланс за 2026)

Лесно се забележува дека по стабилниот период од 2016 до 2022, кога каматните плаќања се движат околу 110 и 150 милиони евра, во 2023 се бележи забележителен раст на 210 милиони евра. Тој тренд на раст продолжува и во наредните три години за во 2026 да се издигне над 340 милиони евра. Ова покажува дека за четири години расходите по основ на камати, или нашиот трошок по основ на јавниот долг, бележи раст од над 110% во однос на 2022 година. Пред да навлеземе како оваа сума го оптеретува буџетот, мала споредба и со растот на самиот јавен долг во истиот период.

 Јавен долг во милиони евра 2016 – 2026. (ребаланс за 2026)

Не е потребно многу знаењe од економија или статистика за да се забележи дека кај движењето на јавниот долг немаме такво значително зголемување во годините од 2022 па до 2026, како што е кај каматните плаќања погоре. Постои секако некоја корелација, но за ова има влијание и рочноста на задолжувањата после фамозната 2022 и почетокот на агресијата на Украина. За таква анализа треба повеќе простор и за тоа на друго место во посебен текст, бидејќи тука тоа би станало здодевно за секој читател на колумна. Затоа само една споредба може да е доволна за овој тип на едноставна анализа. За разлика од каматните трошоци  кои за 4 години пораснале за 110 проценти, јавниот долг од 2022 до 2026 пораснал за 40 отсто. Од 7,7 милијарди евра во 2022, на 10,7 милијарди евра во 2026. (Претпоставка дека нема да има ново поголемо задолжување до крајот на годината.)

Оваа огромна разлика во релативниот однос на раст помеѓу каматните трошоци и јавниот долг, покажува дека постои тендеција на загрижувачко зголемување на цената на нашите задолжувања. За тоа ќе додадеме уште еден релативно брз и едноставен  податок, кој многу често се користи и во иницијални финансиски анализи. Па така, ако во 2022 каматните плаќања изнесувале 1,9 отсто од вредноста на јавниот долг, во 2026 тие се искачиле на 3,1 проценти. Треба да се внимава дека во процентни поени тоа изгледа мал раст, но релативно тоа е раст од над 50 отсто.

И на крајот неколку бројки кои можеби подобро ќе отсликаат колку е товарот од каматните трошоци во буџетот. Па така, тие за 2026 изнесуваат 5% од вкупните расходи во буџетот и речиси 2% од БДП. Нивната вредност достигнува 40 отсто вкупната сума која се исплаќа од буџетот за трансфер за здравствена заштита како и од вкупните трошоци за плати и надоместоци. Или, на име на камата на јавниод долг, буџетот издвојува 120 милиони евра повеќе отколку трансферите за социјална помош. Нема дилема дека тие стануваат оптоварвуачка ставка во буџетот и имаат тенденција да растат.

Од таа причина доколу владата планира ново задолжување на меѓународниот пазар, тоа треба да го направи што побрзо, можеби и до крајот на оваа година. Сите тенденции одат кон тоа дека каматата ќе биде повисока во идниот период, а посебно почетокот на идната година. Нема да имаме никаква корист ако само се избегне податокот дека јавниот долг на крај на 2026 ќе надмине 63 проценти од БДП. Со префрлањето на задолжувањето во 2027 можеби владата ќе прикаже подобра статистика, но ќе плаќаме неколку години повисока камата за можеби и цел еден процентен поен.

(Кире Наумов е економист)