Македонскиот КИЦ во Загреб со изложба на Евгениј Пантев и концерт на Ристо Ѓоревски и Елена Атанасовска-Ивановска ја отвора новата галериска и концертна сезона


Со самостојна изложба на графичарот Евгениј Пантев и концерт на кларинетистот Ристо Ѓоревски и пијанистката Елена Атанасовска-Ивановска, вечерва во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб ќе биде отворена новата галериска и концертна сезона.

Изложбата „Дисциплина на скратениот траг“ претставува заокружена авторска целина составена од графики изработени во техника на длабок печат, преку која хрватската публика ќе има можност да се запознае со современото македонско визуелно творештво.

По отворањето на изложбата ќе следи рецитал за кларинет и клавир, на кој Ѓоревски и Атанасовска-Ивановска ќе изведат дела од светската и македонската класична музичка литература.

Како што информираат од КИЦ во Загреб, програмата ќе понуди спој на класичниот музички израз со елементи од македонската етномузичка традиција и фолклорно наследство.

Настанот е дел од годишната програма на Македонскиот културно-информативен центар во Загреб и се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.