Бугарија се подели околу „историското“ враќање на Самоил


Споменикот на Цар Самоил на главниот плоштад во Скопје

Враќањето на посмртните останки на цар Самоил ја подели Бугарија во пресрет на големиот пречек што се подготвува денес во Софија, во кој ќе бидат вклучени и воени авиони и највисоките  политички личности.

Фактот дека трампата на коските за артефактите мешу Бугарија и Грција се случува непосредно пред избори и, како што изгледа, среде најавите дека ЕУ ќе и ја одземе силата на политичките вета на Софија кон Македонија, во смисла дека сега ќе се тешат со коските додека ја губат моќта да се изживуваат со нашата држава, фрли сенка врз настанот кој се повеќе зе гледа низ политичка, место историска призма. Уште повеќе што многумина во Бугарија јавно изразија сомневања дека навистина станува збор за останките на големиот владетел, забележувајќи дека церемонијата е избрзана, а други пак се исфрустрираа од фактот дека не е објавена листа што добиваат за возврат од Грција, со поента – дали тоа што го даваат вреди повеќе од  царот Самоил и дали со тоа бугарски артефактите се признаваат како грчко наследство? Практично, сега сакаат да ја исправаат и бугарската историја на Грција. 

Бугарски БГНЕС денес оцени дека „вистината е дека самите власти не си прават услуга со избрзаната погребна церемонија што е организирана токму на денот на враќањето на царот“.

„Научниците се надеваа дека ќе имаат време да спроведат истражување – не затоа што имаа сомнежи, туку за да фрлат дополнителна светлина врз аспекти од животот на овој голем Бугарин кои до ден-денес остануваат неразјаснети.Несоодветниот пристап на владата поттикна сомнежи и внесе донекаде горчлива нота во овој инаку значаен ден што претстои“, оценува медиумот. 

„Бугарија не направи каталог и студија за артефактите што ќе бидат вратени во Грција. Немаше ДНК анализа на посмртните останки што ќе бидат вратени во Бугарија за да се потврди дали се на цар Самуил. Она што го знаеме е дека цар Самуил и неговото семејство се погребани на островот Свети Ахил“, изјави историчарот Милко Палангурски од Трновскиот Универзитет  на бугарската Нова тв. 

Според него, операцијата за враќање на останките од владетелот не била добро подготвена, со оценка дека враќањето на коските е прашање на голема дипломатија.

„Пандорината кутија е отворена. Проблемот овде не е што враќаме, туку што нема список и никој не знае колку и што е тоа“,  истакна Палангурски. 

Тој додаде дека овие артефакти што Бугарија ќе ги врати во Грција „се скриени речиси 112 години“ и нагласи дека нема информации за нив во Бугарија. Вели дека не е проблем дека останки се враќаат, туку дека нема список што се враќа во обратна насока – од Бугарија кон Грција. Според историчарот ова е многу важно прашање кое не трпи импровизации. 

Сепак, за БГНЕС денес во Софија ќе се одржи „настан од толкави размери, што несомнено го вбројува меѓу најзначајните во современата бугарска историја“.

„Повеќе од илјада години по неговата смрт, цар Самоил се враќа во Бугарија – земјата за чија независност го дал својот живот. Историските летописи сведочат за големината на царот, а гледано од временска дистанца, современите научници со право го сметаат Самоил за еден од најголемите владетели што управувале со бугарската држава. Враќањето на царот е најновиот од илјадниците неоспорни аргументи со кои Бугарија може да ја брани вистината за минатото на Македонија од грабливите посегања на македонизмот“, оценува БГНЕС, истакнувајќи ја главната вредност на овој чин за Бугарија. 

Сепак, БГНЕС забележува дека билатералната мултидисциплинарна комисија, задолжена за решавање на спорните прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија уште пред неколку години издаде соопштение во кое се потврдува дека Самоил е „дел од заедничката историја на двете држави“. Но, според медиумот, бројни византиски, арапски и ерменски летописи недвосмислено потврдуваат дека Самоил бил бугарски владетел.

„Дополнително, во музејот во Битола се чува натписот на неговиот внук, цар Иван Владислав, кој изјавува дека неговиот вујко – „самодржниот цар“ – бил „Бугарин по род“. Во 21-от век, сите овие факти би требало да им бидат достапни на граѓаните на Северна Македонија. Јасно е дека овие аргументи не успеаја да го разбијат македонизмот, а малку е веројатно дека и враќањето на моштите ќе успее во тоа“, заклучува БГНЕС.

Иако според БГНЕС поголемиот дел од јавноста позитивно реагирал на претстојното враќањена коските на Самоил, сепак, самата природа на договорот меѓу Софија и Атина кај некои поттикна прашање дали можеби самите си наштетиле. Според договорот, Бугарија треба да ѝ ги предаде на Грција 48 вредни црковни предмети што потекнуваат од манастирот „Панагија Икосифиниса“ на планината Пангеон, манастирот „Свети Јован Претеча“ во Сер и Светата митрополија на Сер и Нигрита.

„Најзначајниот проблем е што властите досега не дадоа никакви официјални информации за тоа какви точно се овие предмети. Останува нејасно дали меѓу нив има мошти на светци, чудотворни икони или вредни ракописи. Овој недостаток на транспарентност само ја поттикна сомнителната природа што е толку својствена за Бугарите. Сепак, ако излеземе од рамките на размислувањето дека некој постојано се обидува да нè надмудри и ако размислуваме логично, мора да заклучиме дека тешко може да постојат предмети повредни од моштите на еден цар“, заклучува БГНЕС забележувајќи со жалење дека иако бугарските историчари во последните денови постојано изнесувале неоспорни аргументи во прилог на таа теза, ништо не можело да ги убеди скептиците дека оние на власт – повторно ги лажат.

Операцијата „Самоил“ ја правдаат и грчките медиуми иако е недобрососедски гест кон Македонија и на крајот на краиштата повеќе му прилега на големиот владетел да биде во Мала Преспа, местото што самиот си го избрал, отколку во Бугарија, настрана што е нецивилизациски вака политички да се злоупотребува.  За „Катимерини“ трампата не е само резултат на билатерален договор меѓу Бугарија и Грција, туку прашање со јасно изразена научна димензија. Притоа, медиумот се фокусира на реакциите во Бугарија против идентификацијата на останките и ги презентира научните аргументи со кои грчката страна го брани заклучокот дека тие му припаѓаат на средновековниот бугарски владетел.
 
Уште од самиот почеток, „Катимерини“ забележува дека веста за претстојното пренесување на останките во Софија предизвика реакции кај „круговите во соседната земја“ кои ја оспоруваат нивната припадност на „култниот бугарски владетел“. Ова е почетната точка на статијата, но не и нејзиниот конечен заклучок. Потоа, се повикува на извори запознаени со преговорите меѓу двете земји. Според нив, постојат докази што ја потврдуваат првичната идентификација на професорот Николаос Муцопулос, кој ги открил останките во 1965 година за време на ископувањата на базиликата Свети Ахил во Преспа.

 

Формулацијата во потпишаниот меморандум за разбирање зазема посебно место. Според изворите што ги цитира „Катимерини“, во документот се наведува дека врз основа на „бројни студии“ спроведени од грчки и бугарски научници, вклучувајќи лабораториски и антрополошки анализи, како и студија на достапни историски извори, постојат „непобитни докази“ дека останките му припаѓаат на цар Самуил.

„Катимерини“ конкретно укажува на антрополошката анализа спроведена од Лабораторијата за археолошки науки „Малколм Х. Винер“ при Американското училиште за класични студии во Атина. Според публикацијата, резултатите биле презентирани на бугарската влада кон крајот на јули 2026 година.

Се споменува и протеомската анализа спроведена од Центарот за археолошки науки во Бон при Универзитетот „Рајнише Фридрих-Вилхелм“. Податоците од неа биле доставени и до бугарската страна пред објавувањето на материјалот.

Вториот аргумент е археолошки. Местото на откривање – базиликата „Свети Ахил“, изградена за време на владеењето на Самуил и сместена во близина на местото поврзано со неговата смрт – е наведено како околност што ја поддржува идентификацијата.

На ова, „Катимерини“ го додава и погребувањето во саркофаг, што укажува на висок владетелски статус, како и датирањето на погребната ткаенина и карактеристичните знаци поврзани со династијата Комитопули. Како дополнителен аргумент, се споменува и оштетувањето на левата рака, што, според публикацијата, одговара на опишаната траума на Самоил од Битката кај Сперче во 997 година. Во исто време, „Катимерини“ не ги презентира детално научните забелешки за идентификацијата.