СДСМ за атентатот: Тогаш сакаа да ја запрат демократијата, на 27 април повторно


СДСМ, по повод 31 година од атентатот врз првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, објави соопштение во кое прави политичка паралела меѓу нападот од 1995 година и насилството во Собранието на 27 април 2017 година, а со остри обвинувања ги прозива и ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.

На 3 октомври 1995 година, во 9:50 часот, автомобил-бомба експлодираше на улицата „Македонија“, пред хотелот „Бристол“, во момент кога Глигоров со службеното возило се движеше кон Собранието.

Претседателот го преживеа атентатот со тешки повреди на главата. На местото загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот Илчо Теовски. Од здобиените повреди подоцна почина и случајниот минувач Христо Христоманов, додека повредени беа и Климе Коробар и Јован Атанасовски.

Истрагата утврди дека атентатот бил добро подготвен и организиран, но повеќе од три децении подоцна останува непознато кој стоел зад него. Истражната постапка се води против непознат сторител и сè уште е отворена.

Од СДСМ денеска велат дека атентатот не го гледаат само како напад врз Глигоров, туку и како обид за запирање на тогашните политички процеси во земјата.

„Тогаш сакаа да ја запрат државата во раѓање. Демократијата. Независноста. Претседателот што ја водеше Македонија надвор од војна им беше мета“, наведуваат од СДСМ.

Партијата во продолжение на соопштението прави паралела со насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година.

„На 27 април 2017 сакаа повторно: Собрание, крв, прекин на изборниот резултат. Истата логика. Кога не можат на гласови, одат на сила“, тврдат од СДСМ.

Во соопштението се споменува и Ванчо Михајлов, а СДСМ политички го поврзува неговото историско наследство со поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Кој пукаше во Марсеј? Кој соработуваше со Мусолини и со Хитлер? Ванчо Михајлов. Кој е наследникот на таа традиција? Груевски. Велеше Ванчо – македонски син“, се наведува во соопштението.

СДСМ потоа директно го напаѓа и актуелниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, поврзувајќи го неговиот политички речник со, како што велат, истиот модел.

„Кој денеска води кампања по неговиот модел, модел на Ванчо Михајлов? Кампањата ‘талог’. Арамијата што се вика Христијан Мицкоски“, велат од СДСМ.

Од партијата ги издвојуваат зборовите „талог“, „мочуриште“ и „медиокритети“, тврдејќи дека тие се дел од политички речник со кој се навредуваат граѓаните и политичките противници.

„Тоа не е случаен речник. Тоа е речник на човек што демократијата ја гледа како пречка, а државната каса како сопственост“, тврдат од СДСМ.

Партијата порачува дека на годишнината се сеќава на Глигоров и на жртвите од атентатот, но повторно го користи случајот за директна политичка пресметка со актуелната власт.

„Атентатот не е затворена страница сè додека сторителот е ‘непознат’, а наследникот на Ванчо седи во Владата и народот го вика ‘талог’“, велат од СДСМ.

„Демократијата ја преживеа бомбата. Ќе ја преживее и оваа банда“, додаваат од партијата.

На крајот од соопштението, СДСМ најавува политичка и институционална одговорност на актуелната власт.

„Доаѓа време на вистината и правдата. Власта се враќа во рацете на народот. Оваа група ќе одговара“, порачуваат од СДСМ. објави Скопје1.мк