Лајен не „прати“ на разговори во Софија, најави можност и Македонија да добие патоказ за членство

Министерот Тимчо Муцунски веќе побарал билатерална средба во Софија за следната недела


Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен најави, дека веќе следната недела треба да биде направен нов чекор  за деблокирање на евроинтегративниот процес на Македонија.На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Скопје, Фон дер Лајен рече дека на денешната средба било договорено процесот повторно да почне да се придвижува.

„Се договоривме да имаме еден прв нов чекор следната недела и да се обидеме да го деблокираме процесот и всушност да го претвориме во процес. Тоа е најважниот дел“, изјави Фон дер Лајен. Таа притоа не прецизираше дали тие разговори ќе бидат со европско посредништво, т.е. преставник на ЕУ таму, како што бараше премиерот Мицкоски, но впечатокот беше дека средбата е извесна и дека со оглед на претходните одбивања од Софија, „совет“, како што доби Македонија, добила и Софија.   

Запрашана зошто Македонија не е меѓу четирите земји што ќе добијат патокази со рокови како да дојдат до членство, Лајен рече дека нашата земја би можела брзо да напредува откако ќе се надмине сегашната блокада, бидејќи има спроведено доста реформи.

„Во моментот кога ќе ја деблокираме ситуацијата тука, моето лично мислење е дека можеме да бидеме мошне брзи со Северна Македонија, затоа што веќе интензивно работиме на реформите што се неопходни. Да, сè уште има работа, но импресивно е она што имате направено досега“, рече претседателката на Европската комисија.

Лајен објасни дека патоказите за пристапување во моментов се однесуваат на државите кои веќе се подлабоко навлезени во преговорите и отвораат и затвораат поглавја. Според неа, по деблокирањето на македонскиот процес ќе може да се пристапи и кон подготовка на патокази за земјава.

Во своето обраќање таа испрати порака и во однос на македонскиот идентитет и јазик.

„Ние ќе ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик можат да ја направат нашата Унија побогата. Затоа што нашето мото е – различност и обединетост – и ние сме мошне сериозни по тоа прашање“, изјави Лајен, исполнувајќи практично едно од барањата на Владата – да не ни се спорат националните обележја. 

Таа посочи дека пристапните преговори почнале во 2022 година, а скрининг процесот бил завршен за помалку од една година, додавајќи дека сега останува клучниот чекор потребен за отворање на првиот кластер „Основи“, односно да се усвојат уставните измени со кои Бугарите ќе станат дел од заедниците во земјата.

Премиерот Мицкоски во заедничката изјава потврди дека по совет на Лајен нашиот министер Тимчо Муцунски ќе побара состанок на билатерално ниво идната недела за да почнат да го движат процесот напред.

„Веќе следната недела министерот за надворешни работи и надворешна трговција Тимчо Муцунски е во Софија, на настан поврзан со Коридорот 8. Добив совет да побараме од домаќинот средба на билатерлана основа. Веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара средба со колешката, да го движиме процесот“, потврди Мицкоски.

 

Иако Лајен значајно го затвори просторот за лелекања околу неоправданите барања, Мицкоски и натаму тврдеше дека „нашата определба како држава е јасна и останува непроменета, дека сакаме да бидеме дел од Европската Унија и посветено работиме на таа цел, но истовремено веруваме и дека дојде време овој процес да добие посилна политичка поддршка од европските институции“.

„Нашата европска определба никогаш не била и нема да биде спорна. Она што денес го бараме е процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила. Ние ги завршуваме нашите обврски и спроведуваме реформи што се очекуваат од една земја, понекогаш навреме, понекогаш и малку доцниме, но сепак ги завршуваме, како земја којашто сака да стане членка на Европската Унија.
Денес отворено разговаравме и за предизвиците што ги имаме во односите со нашиот источен сосед.Нашата желба е тие прашања да се надминуваат низ дијалог, во добра волја и со заемно почитување.

Исто така, на денешната средба напоменав дека очекуваме да биде вклучена и ЕУ во овој процес и не бараме од Унијата да заземе страна, бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања. Секое решение мора да создава сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната, без простор за нови толкувања и дополнителни барања. Ако од нас се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш е оправдано да очекуваме и јасна европска перспектива за она што следува потоа“, рече Мицкоски. 

Во тој контекст тој го спомена Коридорот 8 како  вистински пример за европска интеграција со кој политичка цел се претвора во патишта, железници, трговија и поврзаност меѓу луѓето.

За нас е особено важно европската интеграција граѓаните да почнат да ја чувствуваат уште пред формалното членство: преку поголем пристап до единствениот европски пазар, нови економски можности, подобра инфраструктурна поврзаност, инвестиции и повеќе можности за младите.

Тој го нагласи интересот и за најавената постепена интеграција  во ЕУ како важен дел од процесот и како начин европската перспектива да стане видлива и конкретна.

„Нашата цел е јасна! Нашата подготвеност за работа е неспорна и потврдена! 
Нашите очекувања се разумни и засновани на европските принципи.Сакаме процес што ќе се движи напред. Што ќе создава резултати!Што ќе им даде на граѓаните причина повторно силно да веруваат во европската перспектива“, порача Мицкоски. 

Лајен на прес-конференцијата испрати, како што рече, и јасна порака – вие ни припаѓате нам, на масата во Европската Унија. Таа оцени дека државата постигнала успех со Планот за раст и најави дека ќе следуваат и дополнителни исплати во претстојните недели. Таа истакна дека Македонија повторно покажала дека може да носи храбри одлуки за својата иднина, потенцирајќи дека Преспанскиот договор бил момент на вистинска политичка храброст.

 
„ Вие бевте првата земја во регионот која што го потпиша партнерството за одбрана и безбедност, како и да ги искористи инструментите за европска безбедност. Вие сте дел од коалицијата на подготвените, бидејќи кога европска нација и пријател беше нападната, Северна Македонија се исправи и вие помагате на нашата Унија и ние сме навистина мошне благодарни за тоа. Ова е Северна Македонија која што ние ја знаеме, земја која што стои на зборот, земја која што припаѓа на масата во Европската Унија и мојата порака е ова. Јасно вие ни припаѓате нам“, порача Фон дер Лајен.
Фото: Б.Грданоски